Седница на Комитетот за претприемништво и иновации

Во Владата на Република Македонија, денеска (петок, 1 јуни 2012 година) се одржа редовна седница на Комитетот за претприемништво и иновации со која претседаваше претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски и на која се разгледуваа неколку информации од сферата на претприемништвото и иновациите.

Посебен акцент на седницата се стави на резултатите од последниот извештај на Глобалниот иновациски индекс, при што се донесоа заклучоци за формирање на посебни работни тимови кои во период од еден месец треба да достават предлог мерки и активности насочени кон унапредување на условите во повеќе областите кои што се оценуваат во рамки на Глобалниот иновациски индекс и кои што се значајни за генерално подобрување на системот за поддршка на претприемништвото и иновациите во Република Македонија.

Комитетот на денешната седница ги разгледуваше информациите и во врска со функционирањето на Центарот на Југоисточна Европа за претприемничко учење кој што е со седиште во Загреб и каде што Република Македонија е една од земјите основачи.

Воедно, Комитетот расправаше и за информација за модели и примери од неколку развиени земји на државна поддршка на нови бизниси и мали и средни претпријатија. Во тој контекст, беше заклучено надлежните институции да ги разгледаат можностите за имплементација на некои од разгледуваните модели во Република Македонија и тие да бидат инкорпорирани во текстот на предлог Стратегијата за развој на иновациите која што е во финална фаза на подготовка.