Од денеска започнува јунскиот рок за аплицирање за проектот „Купи куќа, купи стан“

Од денеска започнува јунскиот рок за аплицирање за проектот „Купи куќа, купи стан“. Во текот на месец јуни граѓаните ќе можат да аплицираат за субвенциониран станбен кредит преку проектот за еден од двата модела „Пола рата“ или „Пола учество“.

Со моделот „Пола рата“, Владата ќе плаќа половина од месечната рата (главница и камата) во првите 5 години од отплатата на кредитот. Каматата на станбениот кредит е исто така повластена и изнесува: 4,99 проценти за првите три години, 5,5 за четвртата и за петтата година од отплатата.

Со моделот „Пола учество“, потсетуваат од Министерството за финансии, Владата ќе плати 50 проценти од учеството за кредит за купување стан или за изградба на куќа. Каматата на станбениот кредит е повластена и изнесува ЕУРИБОР + 4,5 процентни поени во текот на целиот период на отплата.

Ова е добра шанса, се подвлекува во денешното соопштение од Министерството за финансии, граѓаните да го искористат јунскиот рок да аплицираат за субвенциониран станбен кредит. На тој начин граѓаните можат да добијат до 9.900 евра субвенција од Владата за купување на куќа или стан.