Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на свеченото одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Браќа Кирил и Методиј и Ден на словенската писменост во Охрид.
Настанот, на којшто присуствуваа претставници од владиниот и државниот врв, од дипломатскиот кор, од областа на политиката, образованието, науката, културата, како и од други општествени сфери, се одржува на Плаошник, каде што е основан и дејствувал првиот словенски универзитет, Охридската книжевна школа, чијшто основач е еден од учениците на Светите Браќа Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски.
Самиот настан на овој свет простор е силна потврда за значењето на изворот на словенската писменост и култура во денешната ризница на светски култури.
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитуван потпретседател на Собранието г. Мисовски,
Почитувани министри во Владата,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор,
Почитувани претставници од Кабинетот на претседателот Пендаровски,
Почитувани академици, професори,
Почитувани присутни и претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,
Избравме годинава да го чествуваме 24 Мај, овде, на Плаошник, местото каде е основан и дејствувал првиот словенски универзитет затоа што тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, на нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет.
Затоа што токму на оваа македонска почва, светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста, од којашто натаму се развива и современата македонска писменост.
Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилометодиевското и црковнословенското наследство, кое е суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на нашиот, на македонскиот народ.
Одејќи по стапките на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, токму овде, во Охрид, ја развил Охридската книжевна школа.
Тоа е првиот словенски универзитет во тоа време и тој прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни центри, од каде што се шири словенската писменост.
Ракописи од таа Охридската школа, денес се наоѓаат речиси во сите позначајни светски библиотеки и установи.
Еден од наследниците на Климент, еден од најголемите борци за признавањето на македонскиот јазик, Крсте Петков Мисирков, вели: „За среќа, има македонска национална култура и историја и тој факт го вооружува македонскиот народ, со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот, како рамноправен член во бројот на културните народи“.
И јас сум убеден дека и Климент Охридски, еден од учениците на Браќата Кирил и Методиј, и нивните наследници: Мисирков, Конески, како и: Јаневски, Андреевски, Шопов, Рацин, Андреевски - денес би биле подеднакво горди со сите нас.
Затоа што, како што вели еден од нашите најзначајни современи дејци, Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик: „Јазикот е нашата целокупна татковина“.
Но, Конески предупредува и дека: „Од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не“.
А ние, нашата јазична средина ја заштитивме, преку тешки, државнички, храбри одлуки како и што доликува на една одговорна Влада која го цени своето богато културно и историско минато.
Со овие одлуки, најнапред ги осигуравме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа го заштитивме македонскиот јазик и идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија, минатата година.
Силно сме посветени да го изодиме овој европски пат, да се осигураме дека европскиот квалитет на живот ќе го имаме и тука, дома.
Посветени сме да дадеме глас за Европа за да обезбедиме услови младите, луѓето, да живеат, учат, работат во својата родна земја. Да има кој да говори, пишува и создава на мајчиниот македонски јазик, денес и засекогаш во иднина.
Овој 24 Мај – Ден на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј и Ден на сесловенската писменост, го дочекуваме исправени и особено горди, затоа што македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, е признат и е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици во Европската Унија!
Нема повеќе внимателни формулации како до пред извесно време, на описно означување на нашиот македонски јазик, како: „јазик на македонската култура“, „јазик на македонската литература“, или „јазикот на Блаже Конески“, „јазикот на Матеја Матевски“ и слично.
Успеавме и ние: денес македонскиот јазик е официјализиран, по Обединетите нации – и во Европската Унија.
Добивме и формална потврда дека македонскиот јазик е на рамноправно рамниште со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија, преку потпишаниот Договор за ФРОНТЕКС, првиот ваков договор помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија, потпишан на македонски јазик, заедно со останатите официјални јазици на Европската Унија.
И европското законодавство се преведува и на нашиот мајчин, македонски јазик.
Денес јасно и гласно, во официјални изјави, на сите европски лидери и претставници на меѓународната заедница, нашиот јазик е прецизно именуван како македонски јазик.
Никој повеќе не може, на европските дебатни маси, да зборува во наше име.
Со сето ова, ги отворивме вратите ширум и за активна промоција на македонските книжевни автори во Европа и размена на искуства на полето на науката и образованието.
Покажавме дека сме достојни следбеници на сесловенските просветители, Кирил и Методиј, темелниците на европскиот интеркултурализам, кон што денес е насочена и целата современа, мултикултурна Европа.
Светите Браќа Кирил и Методиј, се впуштиле во борба против тријазичната догма дека христијанството може да се проповеда само на три јазици – еврејскиот, грчкиот и латинскиот.
И успеале со своите мисии да го внесат и словенскиот јазик, на рамноправно рамниште, создавајќи го и посебното словенско писмо – глаголицата и првиот литературен јазик на Словените - старословенскиот.
Ваквото нивно дело претставува културна и политичка револуција во тогашната хуманистичка мисла, но и промоција на европскиот хуманизам, во духовниот и во интеркултурниот стремеж за рамноправност на јазиците и еднаквост меѓу народите. Тоа, кон што се определени и Европа, како и светот, денес.
Светите Кирил и Методиј, како што цени науката, за првпат го активирале феноменот на словенскиот фактор, како еден вид рамнотежа - политичка, црковна и културолошка, во растежот на европската цивилизација и култура, гледајќи во него како на мост меѓу Источната и Западната европска цивилизација.
Затоа успехот на нивната мисија е повеќенасочен.
Тој успех значи пресвртница за словенските народи, за нивниот културен и историски развиток и отворена врата - во и за културниот европски свет.
Овој напор на Светите Браќа има несомнени културолошки вредности за словенската цивилизација, но и за целата културна и образовна иднина на Европа и на светот.
Република Северна Македонија денес претставува успешен пример на функционална мултикултурна држава и кај нас се негува на дело еднаквоста на националните и на јазичните различности.
Успеавме и да се избориме за сопствената јазична и идентитетска еднаквост во Европа!
Затоа, не е нескромно кога ќе истакнеме дека Република Северна Македонија е мостот што им е потребен на Западниот Балкан и на Европа денес, во надминувањето на сложените предизвици на денешницата.
И ова современо време во кое што ние живееме, векови по времето на Светите Браќа Кирил и Методиј, има потреба од натамошни успешни мисии во насока кон интеркултурализмот.
А нашата држава, со сите свои предизвици во развојниот пат, поради многу богатото културно и историско наследство, како и поради прогресивната раководна мисла, подготвено го следи космополитскиот дух на Светите Кирил и Методиј.
Се докажа, во регионот и во Европа, дека сме потребниот мост, бидејќи покажавме, преку дела, како со разговор и со дијалог - како цивилизациски придобивки, се наоѓаат решенијата на преговарачките маси.
А никој не може да одземе некому јазик, да одземе идентитет!
Тоа едноставно не е можно!
На македонски јазик, на македонското тло, во оваа наша македонска држава се говорело и се пишувало отсекогаш. Се говори и се пишува денес. И ќе се говори и ќе се пишува за навек.
На македонски јазик досега се преведени бројни книжевни дела, на цела плејада автори од светската литература. Богатството на светската култура е достапно и на македонски јазик.
Македонскиот јазик живее и се развива преку делата на македонските автори како Кочо Рацин, Коле Неделковски, Васил Иљоски, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Ташко Георгиевски, Петре М. Андреевски, Јадранка Владова, но и преку делата на современите македонски автори Влада Урошевиќ, Веле Смилевски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Владимир Мартиновски, Румена Бужаровска и многу многу други. А ќе живее и низ новите дела на најмладите современи македонски писатели.
Јазикот е жива материја и тој, како што посочува и Конески, постојано се надградува.
Владата што ја предводам, соработува со научната јазична и културолошка заедница и заедно покажуваме подготвеност да одговориме на повикот на Конески за континуитет и напредок на македонскиот стандарден јазик.
Како Влада, во последниве 5 години, покажавме можеби најголема свесност досега, за потребата од активна заштита, негување и промоција на македонскиот јазик и на македонската култура дома и низ Европа и светот.
На една од претходните владини седници, го поддржавме донесувањето на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, преку што се прошируваат областите каде задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
Се проширува опсегот на задолжителното лекторирање текстови а донесовме и значајна одлука, да се востанови нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, како и одлука таа награда да го носи името на основачот на современата македонска наука за јазикот, Блаже Конески.
Го започнавме проектот за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов" во село Љубојно, Преспа, за негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик. Уште во текот на НОБ во ова училиште се држи настава на македонски јазик.
Училиштето во Љубојно се наоѓа на тромеѓето меѓу Грција, Албанија и Северна Македонија, па така отвораме и уште еден простор за нашето, меѓудржавно зближување.
Ја поддржавме и дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, со буџетски средства, преку што се овозможува трајна заштита на околу 5 милиони записи со стари македонски текстови, на дијалектни записи, како дел од нашето духовно богатство, а некои од нив датираат од далечни времиња, дури од 14-от век.
Овие записи веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари, оставени на забот на времето, туку се заштитени во дигитална форма.
Во Институтот за македонски јазик, по 24 години, се вработија 17-мина млади луѓе, магистри, докторанди и доктори на науки по македонистика.
Во досегашниот петгодишен мандат, дадовме поддршка за континуирана афирмација на македонскиот јазик и преку поставување на дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“.
Во овој мандат е дигитализиран и Правописот на македонски јазик.
Го прогласивме 5 Мај за Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година, кога првата влада на Народна Република Македонија го официјализира современото македонско писмо, озваничувајки ја современата азбука на македонскиот јазик.
Ова е нашата вистинска грижа за македонскиот јазик - преку дела!
Сакам да знаете дека сме цврсто определени да ги поддржиме и сите други проекти и иницијативи во насока на негување и унапредување на употребата на македонскиот јазик и неговата промоција во европското и светското семејство на јазици, идентитети и народи, каде што сега и рамноправно припаѓаме.
Отворени сме за соработка и со Катедрата за македонски јазик, со Катедрата за македонска книжевност и култура, со Катедрата за општа и компаративна книжевност и со другите филолошки катедри, како и со институтите за македонски јазик и македонска литература при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
На овој наш прв државен универзитет - во оваа пригода, во името на Владата и во мое име, му го честитам денешниот патронен празник.
Отворени сме за соработка и со филолошките катедри на сите други универзитети во земјава.
Сите треба да сме свесни дека афирмирањето на писменоста, од најраните степени на школувањето, води напред во културниот и општествениот развиток.
Двајцата проповедници, како што вели Климент за неговите учители Кирил и Методиј, се светила на целата вселена, тие со добар подвиг и со цврста вера, минаа како сонце, осветлувајќи ги темните места со своите стапки.
Ни создадоа, како што е напишано во химната за нив, сесловенско писмо, светлост во мракот и писменост што зрачи вечно.
Затоа и велиме дека „Писмото е нашиот универзум“.
Нека ни е честит Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј и Денот на словенската писменост, 24 Мај!
Вербата на Кирил и Методиј и нивната посветеност во просветителната дејност, нека бидат инспирација за следните наши храбри дела, за тие да го осветлуваат патот на следните генерации.
Благодарам за вниманието, да ни е вечен македонскиот јазик, да ни е жив и здрав македонскиот народ и сите други граѓани во нашата држава. Да е вечна и напредна и просперитетна европска Република Северна Македонија.
Ви благодарам.“