Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со директорот на агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Беким Мурати и комуникологот, Бојан Кордалов се сретнаа со млади лица во Центарот за социјално претприемништво и разговараа за придобивките и достигнувањата на мерката Самовработување од Оперативниот план кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика заедно со Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Министерката со своето воведно обраќање ги поздрави присутните млади и ги охрабри да ги користат мерките на Владата на Република Северна Македонија. Таа посочи дека секоја идеја може да дојде до реализација и дека мерката самовработување може да го овозможи тоа.
„Претходните успешни години на Оперативниот план се доказ на ефективноста на оваа мерка. Во изминатите две години 1.412 млади до 29 години и 1.564 жени регистрирале свои фирми“ информираше Тренчевска.
Таа исто така ја објасни мерката самовработување.
„Она што се нуди со оваа мерка е финансиска поддршка од 5.000 евра за едно лице и 10.000 евра за содружници кои сакаат заедно да го отворат бизнисот и заедно да го раководат“ рече Министерката.
За досегашниот успех на Оперативниот план и за идните планови зборуваше и директорот на агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Беким Мурати.
„Оваа година за имплементација на Оперативниот план е предвиден најголем буџет досега, во износ од над 32 милиони евра, со кој е планирано да бидат опфатени 14.536 лица. Особено сакам да ја истакнам мерката Обуки за напредни ИТ вештини, за што оваа година е двојно зголемен планираниот опфат и истиот изнесува приближно 800 лица. Воедно важна е да се потенцира и успешноста на Гаранцијата за млади, каде во 2022 година се вклучиле 20.185 млади невработени лица, од кои 43% во период од 4 месеци се вработиле или се вклучиле во некоја од активните мерки вработување“ рече Мурати.
Комуникологот Бојан Кордалов се осврна и на важноста на слободата кај младите луѓе како што е можноста сами да одлучуваат за себе и да избираат што како и кога ќе работат. Тој ваквата слобода ја поврза со користењето на мерките кои ги нуди МТСП заедно со АВРСМ.
„Со користење на мерките кои ги креира МТСП, младите луѓе треба да можат непречено и директно да го менуваат системот, услугите, менталитетот, односно да креираат држава по своја мерка од што корист може да има секој човек. Потсетувам дека младите се иднината, но многу повеќе сегашноста и таа порака ја очекуваат и од надлежните институции. Со споделување на успешни приказни од млади луѓе кои со своите бизнис идеи успеале ќе се намали младинската неинформираност и ќе се даде поголема шанса да бидат вклучени во креирањето на политики и мерки наменети токму за младите луѓе“ рече Кордалов.
Тој исто така истакна дека токму тоа може да биде единствен мотив кој ќе ги охрабри младите да не се иселуваат по секоја цена и државата да ја чувствуваат дека им припаѓа еднакво и на нив, а не дека општеството постои само за политичарите и партиите.
На настанот беа присутни и 4 лица кои претставуваат успешни примери кои ја искористиле мерката самовработување од Оперативниот план за активни мерки и програми. Лицата имаа прилика да го презентираат својот бизнис и да ги охрабрат младите и тие да се одлучат на чекор кон исполнување на своите бизнис идеи и планови. Настанот беше модериран од страна на младинскиот активист, Иван Дургутов.