Битиќи од МЕФ: Го отворивме патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на отворањето на МЕФ Енергетскиот форум 2023 година, на кој денес и утре во Скопје, голем број на високи владини претставници од земјата и регионот, амбасадори, претставници од меѓународни организации и фондации. ќе дискутираат на темата „Подобрување на триаголникот ‘Политики - Финансиска - Енергетска технологија’ за енергетска отпорност и зелена транзиција“.
 
Во продолжение неговото интегрално обраќање:

„За мене е голема чест што втора година по ред сум покровител на МЕФ Енергетскиот форум во организација на ЗИП институт и што ги имаме следните два дена да разговараме за предизвиците и можностите кои се пред нас, од областа на енергетиката. Ако земеме предвид дека секторот енергетика креира 10 – 15% од БДП во нашата економија, тогаш јасно е дека, изборите што ги правиме во енергетскиот сектор, денес, ќе имаат големо влијание врз иднината на нашата економија и благосостојбата но и енергетската безбедност на идните генерации. Токму затоа, сметам дека Форумот ќе послужи како инклузивна платформа за дијалог, размена на знаења, но и за споделување иновативни пристапи, најнови достигнувања, трендови и стратегии за решавање на прашањата поврзани со енергетиката.

Зелената енергија, не нарушувајќи ја рамнотежата на нашиот комплексен еко систем, е клучна за зачувување на животната средина. Токму забрзаните климатски промени и деградацијата на животната средина, не водат кон итна транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија со ниска емисија на стакленички гасови, која треба да ја сметаме за императив и во креирањето и спроведувањето на политиките.
 
Велат, константа е само промената па така и енергетските трансформации се постојан процес, во моментов со забрзан чекор кон обновливи извори на енергија, но планирањето и подготовката за идните фази е она што гарантира одржливост и стабилност.
Според податоците на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија, минатата година во светот е остварен историски рекорд во инсталирањето на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој изнесува 295 GW (гигавати), што претставува 83 отсто од вкупните инвестиции во производство на електрична енергија. Пред економијата се портретира иднина во која изворот на виталната енергија од фосилните горива се поместува кон ветрот, сонцето и водата. Оваа трансформација ќе вклучи и креирање на нови зелени и високо продуктивни работни места, кои според проекциите за 2030 година велат дека во овој сектор ќе бидат отворени 38 милиони работни места, а во 2050 година овој број ќе се зголеми на 50 милиони.
 
Почитувани,
 
Развивањето на пазарите, за да можат да ги следат промените, е можно само преку креирање на овозможувачка и поттикнувачка средина. Нашата држава е лидер во регионот со донесените и веќе имплементирани закони и подзаконски акти, кои се целосно  усогласени со Европската енергетска заедница, со кои е овозможена либерализација на енергетскиот пазар.

Со усогласување на енергетските политики, современите енергетски технологии и мобилизирање на финансии, го отвораме патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина која ги ублажува климатските промени, ја подобрува енергетската безбедност и го поттикнува економскиот раст.
 
Сите политики и мерки на Владата, со кои креираме подобра енергетска иднина на земјата, се фокусирани на изградба на нови капацитети на базна енергија и истовремено производство на енергија од обновливи извори.
 
Во однос на производство на базна електрична енергија, при крај е процесот на евалуација на понудите за изградба на најголемиот извор од хидро капацитетите за проектот „Чебрен“, со проценета вредност на инвестиции од милијарда евра и предвиден капацитет на производство на базна енергија од 300 - 330MW.

Истовремено, со зголемен интензитет растат јавните и приватни инвестиции во обновливи извори на енергија. Во последните две години во државата има инсталирано и ставено на мрежа повеќе од 207MW фотоволтаични централи. Дополнително на ова, нашите политики привлекоа приватни инвестиции од повеќе од милијарда евра, кои во наредниот период ќе изградат капацитет од над 1GW.
 
Регионалната конкурентност и поврзаност се клучни за развој на регионот, во поширока смисла на зборот. Во оваа насока покрај засилените инвестиции во патната инфраструктура, во последните пет години, засилено се работи и на енергетско поврзување, преку изградба на интерконекторот со Албанија со кој ќе се комплетира Коридорот 8 за пренос на електрична енергија Исток - Запад, помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија.

Дополнително, државата будно ги следи трендовите во изградба на фотоволтаични централи, кои земаат голем замав не само во нашата земја туку и во соседството, и нашиот систем оператор МЕПСО работи на зголемување и на капацитетот на пренос на електрична енергија по Коридорот 10, преку зголемување на капацитетот на интерконекторот Битола - Лерин, кој треба да биде удвоен во наредните неколку години.

Владата на Република Северна Македонија работи и на диверзификација на снабдувањето со природен гас, преку градење на интерконектор со Грција. Преку кој ние ќе обезбедиме гас за идните генерации. Тоа за нас значи дека нема да бидеме зависни само од руски гас кој доаѓа преку интерконекторот со Бугарија, туку за нас ќе е достапен и гасот од ЛНГ терминалот во Александруполи.

Регионалната поврзаност се случува и во насока на изградба на интерконектори за гас и со останатите соседи, што покрај диверзификација, за нашата земја ќе значат дека сме на енергетската карта, поставени како хаб на Балканот.
 
Сето ова го правиме за безбедноста на нашата иднина, креирање на предвидувачка околина за бизнисот како и поевтини енергенси за нашите домаќинства.
 
Покрај одржливото и зелено производство на енергија, важно е и зголемувањето на ефикасноста на потрошувачката на енергија. За таа цел работиме на формирање на Националниот фонд за енергетска ефикасност, како и овозможување на финансии преку проектот PEEB COOL за зголемување на енергетската ефикасност на јавните згради.
 
Почитувани,

Особено задоволство ми е да споделам со вас дека оваа година Република Северна Македонија, воспостави сопствена берза на електрична енергија, со која раководи МЕМО, а која ќе овозможи транспарентно тргување и придружување на еден високо конкурентен и динамичен европски пазар на електрична енергија. Берзата значи стабилност и за домашните и странски инвеститори, а за државата нови странски инвеститори кои се охрабруваат да инвестираат во обновливи извори на енергија.
Целосно либерализираниот енергетски пазар, со веќе формирана берза на електрична енергија, отвореноста како за странски така и за домашни инвеститори, поедноставените административни процедури за поставување на фотоволтаици и сите други мерки кои оваа Влада ги носеше во изминатиот период, ми даваат за право да констатирам дека се движиме во вистинската насока, креирајќи додадена вредност, го отворивме патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина за нашата држава.
 
Ви благодарам и посакувам продуктивни и плодоносни дискусии во следните два дена“.