Средба на вицепремиерката Грковска со претставници на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија

Заменичката на претседателот на Владата, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, одржа средба со универзитетските професори Милева Ѓуровска, Марина Митревска и Драган Тевдовски, како претставници на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија. НКЕУ-МК демократски форум за отворен и транспарентен дијалог за прашања поврзани со Пристапните преговори за членство во Европската Унија.
 
Претставниците на НКЕУ-МК ја информираа вицепремиерката Грковска за досегашните активности на оваа платформа, која изминативе седум години активно работи на развивање на широка и стручна партиципативност во подготовката на релевантни содржини. Од нивната досегашна работа, од кластерска перспектива, произлегле 600 публикувани препораки до државните институции.
 
Повод за денешната средба е новата етапа во работата на НКЕУ-МК, која се фокусира на борбата со корупцијата и заштитата на финансиските интереси на државата. Во таа насока, беше побарана поддршка и вклучување на вицепремиерката за добро владеење во активностите на новоформираната Работна група за антикорупција, која во наредниот период ќе работи на препораки за подобрување на управувањето со јавните финансиии и фискалната транспарентност, со цел намалување на можностите за коруптивно однесување во јавниот сектор. Вицепремиерката Грковска изрази подготвеност за поддршка на Националната конвенција за ЕУ и истакна дека во сите активности поврзани со пристапниот процес, мора да се подобрува и информираноста на граѓаните за придобивките од членството во Европската Унија.