Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска учествуваше на тркалезната маса на тема енергетика во рамки на вториот Самит на Европската политичка заедница, кој се одржува во Кишињев, Молдавија.
На тркалезната маса се зборуваше за предизвиците поврзани со енергетската криза и енергетската отпорност во рамките на глобалните предизвици со кои се соочуваат земјите во Европа, а лидерите се осврнаа на енергетската безбедност која мора да се овозможи од сите земји кои учествуваат во Европската политичка заедница. Констатирана е потреба од активно вклучување на земјите од Западен Балкан во енергетската поврзаност. Лидерите говореа и за конечно разгледување на можноста за создавање на нов механизам за финансирање на земјите кои не се членки на ЕУ.
Премиерот Ковачевски во своето излагање се осврна на чекорите кои Северна Македонија ги има преземено за обезбедување на енергетска транзиција и диверзификација, како најважниот придонес кон регионалниот пристап и градењето на отпорност на регионот.
Премиерот Ковачевски ги сподели добрите пракси кои ги презеде Владата изминатава година како мерките за справување со енергетската криза, но и чекорите кои донесоа енергетска диверзификација за земјата. Еден од таквите чекори е Договорот за интерконекторот со Бугарија, со кој се зголеми постојниот капацитет на гасоводот. Поважно, овој Договор овозможи диверзификација на изворите на природен гас и гасот од Азербејџан и ЛНГ да ни стане достапен. Истовремено е и можност за обезбедување на резерви на природен гас во Бугарија.
Премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија е посветена на енергетската диверзификација, и кризата ја претвори во можност, и токму затоа во кратки 15 месеци во Северна Македонија има инсталиран капацитет од околу 200 MW енергија од обновливи извори и тоа претежно фотоволтаични централи но и ветерни и биогасни капацитети. Со ова Северна Македонија станува регионален центар на зелена енергија.
Во рамките на овој Самит, се одржаа три тркалезни маси насочени кон три главни теми, а тоа се заеднички напори за мир и безбедност, енергетската отпорност и климатска акција и меѓусебните врски во Европа за подобро поврзан и постабилен континент. Европската политичка заедница е платформа за политичка координација меѓу европските земји. Платформата има за цел промоција на политичкиот дијалог и соработка со цел адресирање на темите од заеднички интерес и зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.