Владина делегација во посета на Шведска

Делегација на Владата на Република Македонија предводена од претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски во понеделник и вторник (4-5 јуни 2012 година) ќе го посети Кралството Шведска, каде што е предвидено да се остварат средби на највисоко политичко ниво, како и бизнис презентација на Република Македонија пред повеќе заинтересирани инвеститори од оваа земја.

Покрај претседателот на Владата, во состав на владината делегација ќе бидат и заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции, г-дин Веле Самак и г-дин Бил Павлески, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, г-дин Христијан Делев.

Претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски во понеделник во Стокхолм е предвидено да оствари средба со премиерот на Кралството Шведска, г-дин Фредрик Рајнфилд.

Покрај оваа централна средба, во понеделник се предвидени средби и со министерот за трговија, г-ѓа Ева Бјорлинг, со градоначалникот на Стокхолм, г-ѓа Маргарета Бјорк, како и со претседателот и извршниот директор на Шведскиот трговски совет, г-дин Улф Берг.

Во вторник претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски, предвидено е да одржи средба со спикерот на Парламентот на Кралството Шведска, г-дин Пер Вестерберг.

Владиниот економски тим на првиот ден од престојот во Стокхолм ќе присуствува и на бизнис форум чиј домаќин ќе биде Шведскиот трговски совет. Настанот ќе се искористи за претставување на економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред повеќе заинтересирани шведски компании, а предвидено е одржување и на поединечни средби со претставници на потенцијални инвеститори од оваа земја.