Груевски:Шведските бизнисмени да ги искористат предностите за инвестирање во Македонија

Владиниот економски тим предводен од премиерот Никола Груевски, во чиј состав се и вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции, Веле Самак и Бил Павлески, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Христијан Делев денеска(понеделник, 4 јуни 2012 година) во Стокхолм  присуствуваше на бизнис форум на кој беа претставени економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред претставници на шеесетина шведски компании.

Бизнис форумот беше во организација на Шведскиот трговски совет, а на почетокот се обрати министерот за трговија во шведската Влада, Ева Бјорлинг, која посочи дека континуираното подобрување на деловната клима во Македонија е поттик за зајакнување на економската соработка помеѓу двете земји, а воедно ја истакна и јасната шведска поддршка за интеграцијата на Република Македонија во Европската унија.

Во своето обраќање пред присутните премиерот Груевски на почетокот го изрази своето задоволство од реализацијата на денешниот бизнис форум, чија цел е да се продлабочи економската соработка меѓу Кралството Шведска и Република Македонија.

-Да се видат одблизу успесите на третата најконкурентна економија на светот и една од технолошки најразвиените нации, секако, предизвикува нескриена восхит и огромна почит за трудољубивоста и посветеноста на Вашиот народ. Татковината на големите брендови од автомобилската, фармацевтската, дрвната и телекомуникациската индустрија многу брзо исплива од рецесијата во 2008 и 2009 година и за разлика од многу други европски економии, неколку години во континуитет бележи позитивни стапки на економски растеж, истакна Груевски.

Премиерот Груевски посочи дека ако се имаат во предвид економските потенцијали и одличните пријателски односи помеѓу двете земји, постои увереност дека има огромни неискористени можности за трговска и инвестициска соработка, а токму овој форум е вистинскиот чекор во насока на нивно идентификување, при што ги потенцираше сеопфатните и темелни реформи на бизнис окружувањето кои ги спроведува Владата на Република Македонија.

Во тој контекст, премиерот Груевски истакна дека за постигнатите резултати Република Македонија се вброи во врвните три реформатори, согласно реномираниот „Doing Business“ извештај на Светската банка за 2012 година и дека Македонија сега се наоѓа на дваесет и втората позиција и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Централна, Источна и Југоисточна Европа.

Тој истакна дека македонската економија повеќе години во континуитет се одликува со нагласена макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,5%, додека во делот на јавните финансии се спроведува политика на низок буџетски дефицит и претпазливо задолжување, при што владиниот долг изнесува 26% од БДП, воведен е низок и рамен данок од 10%, задржаната добивка е целосно ослободена од оданочување и постепено се намалуваат социјалните придонеси за една третина.

Премиерот Груевски ги информираше шведските бизнисмени дека во насока на намалување на административниот и регулаторниот товар за водење бизнис во неколку фази е спроведен проектот регулаторна гилотина, со кој се поедноставуваат дел од прописите и се укинаа несуштинските обврски за бизнисите. - Воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, донесовме мерки во делот со управување со градежно земјиште, со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналните трошоци, воведовме субвенции за тур-операторите, како и други реформи кои позитивно влијаат врз бизнис климата во Република Македонија, истакна Груевски.

-Имајќи предвид дека динамичниот економски растеж во глобализираниот свет силно зависи од квалификациската структура на работната сила, повеќе години наназад, мојата земја силно инвестира во човечкиот капитал. Не само што буџетските трошоци за образование се зголемени на ниво од 6% од бруто домашниот производ, туку и драстично се подобри пристапот до високото образование, особено до математичките, техничките и информатичките науки. Токму Шведска е веројатно најдобриот пример дека инвестирањето во човечкиот капитал силно го забрзува економскиот растеж, истакна премиерот во своето обраќање.

Врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Република Македонија како бизнис дестинација, успеавме да привлечеме познати странски компании во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје, посочи премиерот, при што ги истакна  поволностите кои што им се нудат на компаниите кои инвестираат во овие зони.

Во своето обраќање премиерот Груевски се осврна и на надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, при што истакна дека тоа е довршувањето на процесот на зачленување во НАТО и Европската унија.

На крајот од својот говор премиерот изрази верба дека одржувањето на денешниот форум ќе помогне во информирањето на потенцијалните инвеститори и трговски партнери за економските политики и можностите за инвестирање во Република Македонија, при што ги повика шведските бизнисмени да ја посетат Република Македонија и да ги искористат нејзините компаративни предности.

Своја презентација на форумот имаше и вицепремиерот Пешевски кој детално ги запозна шведските инвеститори за потенцијалите на македонската економија кои се рефлектираат во макроекономската стабилност, стратешката локација помеѓу коридорите 8 и 10, достапноста на природните ресурси, како и потенцијалот на конкурентна работна сила. 

На форумот се обратија и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Христијан Делев, а владиниот тим оствари и поединечни средби со неколку заинтересирани компании од областите на туризмот, инвестициското банкарство, автомобилската индустрија и медицински технологии.

Претходно, премиерот Груевски имаше средба со својот шведски колега, премиерот Фредрик Рајнфилд, како и со министерот за трговија, Ева Бјорлинг и со претседателот и извршниот директор на Шведскиот трговски совет, Улф Берг.

Попладнето премиерот Груевски ќе присуствува на прием што го организира градоначалникот на Стокхолм, Маргарета Бјорк, додека утре пред заминувањето за Финска предвидено е да се одржи средба со спикерот на Парламентот на Кралството Шведска, Пер Вестерберг.