Вицепремирката Арифи се сретна со директорот на Комитетот за економски односи на Германија, Рајнер Линдер

Вицепремиерката задолженa за европски прашања Теута Арифи денеска се сретна со Рајнер Линдер, директор на Комитетот за економски односи на Сојузна Република Германија.

За време на средбата, како што соопшти  Секретаријатот за европски прашања, Арифи информирала за тековните активности поврзани со процесот на европска интеграција, кои се преземаат во Република Македонија.

Вицепремиерката Арифи посебно се осврнала на имплементацијата на мерките предвидени со Оперативниот патоказ за реализација на целите опфатени со приоритетните области од Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ. 

Арифи и Линдер разговарале и за соработката меѓу двете земји, при што било истакнато дека соработката е на високо ниво и оти Македонија добива значајна билатерална поддршка преку развојните програми на Германија.

Директорот Линдер истакнал дека Германија го поддржува членството на нашата земја во евроатлантските структури и изразил надеж оти Пристапниот дијалог ќе придонесе за понатамошно приближување на Македонија кон европските стандарди.