Владин економски тим на Бизис форум во Стокхолм

Владин економски тим, предводен од премиерот Никола Груевски, денеска во Стокхолм учествуваше на Бизнис форумот кој беа присутни околу 60 компании од различни индустрии.

- Како што е вообичаено ги презентиравме инвестициските можности за Македонија, но со мал фокус на индустриите со помал степен на додадена вредност бидејќи шведските компании се познати по тоа, со оглед на тоа што се компании кои прават производи со висок квалитет. Им предложивме да ја разгледаат Македонија како инвестициска дестинација каде би можеле да релоцираат дел од своето производство, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски кој е дел од владината делегација.

Тој најави дека во текот на денот ќе има и средби со претставници на конкретни компании од различни индустрии со кои, како што рече,  контактите се во понапредна фаза. - Се надеваме дека дел од нив во скоро време ќе резултираат и со конкретни инвестиции, рече Пешевски.

Тој смета дека иако Шведска, како што рече, досега не била типична инвестициска дестинација за Македонија, за македонската индустрија, сепак зборот што го шират за земјава стигаат  до се поголеми компании. - Очекуваме тоа во идните години особено да резултира со конкретни инвестиции, додаде Пешевски.

На форумот присуствуваа и претставници шведската ИТ копманија Polar Cape, која веќе има отпочнато инвестиции во Македонија.

Зошто одлучивме да инвестираме во Македонија - видовме дека македонската Влада вложила големи напори на полето на информациските технологии и стратегијата на ова поле, како и едукацијата поврзана со ИКТ. Видовме дека постојат големи ресурси на ова поле во Македонија, изјави Јонас Јакобсон од Polar Cape.

Исто така и деловната клима е многу исплатлива за нас во Македонија, додаде Јакобсон, а многу важен фактор за нас е и истата временска зона што ја имаме со Република Македонија така што кога разговараме со нашите колеги таму тоа го правиме додека сме на работното место што е од голема важност за нас.

Во состав на владината делегација, покрај премиерот Груевски и вицепремиерот Пешевски, се и министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Бил Павлески, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Христијан Делев.