Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Тепелена, Република Албанија учествуваше на неформален Министерски состанок на Енергетска заедница.
Со состанокот претседаваше Белинда Балуку, вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија, која е земја преседавач со Енергетска заедница за 2023 година.
На состанокот воведно обраќање имаа и Курт Вандерберг, генералниот директор на Директоратот за климатски активности (DG CLIMA), Мехтилд Ворсдерфер заменик -генерален директор на Директоратот за енергија(DG ENER) како и Артур Лорковски, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница.
На состанокот имаше дискусија за повеќе теми од енергетиката, кои се опфатени со договорот за основање на Енергетската заедница.
Главен фокус помеѓу министерите за енергетика беа плановите и подготвеноста на енергетските системи на земјите членки за претстојната зима, а се разговараше и за имплементацијата на патоказот за декарбонизација на Енергетската заедница.
Министерот Бектеши во своето обраќање кажа дека политиките за енергија и клима во Северна Македонија се целосно усогласени и со европското законодавство и со Енергетската заедница. Потенцираше дека и покрај енергетската криза, Владата паралелно активно работи на енергетска транзиција во зелена енергија, односно на искористување на сонцето, ветерот и водата за постепено менување на производството на електрична енергија од јаглен кон производство на електрична енергија од обновливи извори.
„Бидејќи повеќе од 70% од емисиите на стакленички гасови во Северна Македонија потекнуваат од енергетскиот сектор, декарбонизацијата е еден од главните столбови на националната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, Националниот план за енергија и клима (NECP), Долгорочната стратегија за климатска акција и засилените национално определени придонеси за климатските промени (NDC), сите усвоени во последните неколку години. Зависноста на земјата од увоз на природен гас, како и од повеќето горива, го прави сценариото за декарбонизација значително ранливо на превирањата на пазарите за јаглен, нафта, природен гас и електрична енергија, предизвикани од руската инвазија на Украина“ кажа министерот Бектеши.
Министерот кажа дека како обрски кои ги има превземено Северна Македонија во делот на декарбонизација предвидуваат во наредниот период да за затворат термоелектраните Осломеј и Битола и со тоа да се стопира производството на електрична енергија од јаглен, да се зголеми учеството на обновливите извори во енергеткиот сектор, процес кој веќе е започнат со инвестиции во фотонапонски централи, како и намалување на зависноста од увоз на електрична енергија.
„Северна Македонија постигна значителен напредок во декарбонизацијата и климатските активности во националните стратешки и акциски документи за енергија и клима. Согласно Стратегијата за развој на енергетиката, учеството на ОИЕ во бруто-финалната потрошувачка на енергија се очекува да се зголеми, достигнувајќи во опсег од 35-45% во 2040 година“ кажа Бектеши и додаде дека земјата е силно посветена на обезбедување на енергетска безбедност на државата, на диверзификација на изворите со снабдување со енергенси, енергетска транзиција и инвестиции во зелена енергија.