Средба на министрите за култура на Македонија и на Естонија

Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска, денеска (5 јуни 2012 г.), во просториите на Министерството за култура оствари билатерална средба со министерот за култура на  Република Естонија, Реин Ланг.

На средбата, двајцата министри разговараа за досегашната, но и за идната соработка во областа на културата меѓу Република Македонија и Република Естонија.

Канческа-Милевска го изрази своето задоволство од беспрекорната организација на минатогодишната манифестација „Талин, европска престолнина на културата за 2011 година“, преку која се овозможи афирмирање на македонската култура и презентирање на дел од нашите културни вредности. Министерот за култура на Естонија, Реин Ланг, заблагодарувајќи се за поканата за посета на нашата земја, ја потенцираше силната поддршка која Република Естонија и ја дава на Република Македонија на полето на евро-атланските интеграции.

Двајцата министри за култура на средбата се договорија во наредниот период да има поголема соработка меѓу институциите во двете земји, поголема соработка во областа на музичко-сценската дејност со размена на музички ансамбли и уметници, како и да се отвори можноста за меѓуинституционална соработка меѓу музеите за современа уметност и националните галерии на двете земји, преку организирање на изложби и ликовни колонии.

На средбата стана збор и за Стратегијата за развој на креативните индустрии која Владата на Република Македонија ја усвои во 2008 година. Министерката за култура Канческа-Милевска го потенцираше потенцијалот кој го поседува Република Естонија во насока на културниот развој, кој претставува важна алка помеѓу границата на традиционализмот и модерноста и е модел кој Република Македонија и останатите земји успешно го практикуваат.

Естонскиот министер за култура ја подвлече важноста на креативните индустрии и додаде дека тие се најбрзо растечката идустрија во оваа земја и на нив отпаѓа три проценти од бруто домашниот производ. На средбата, естонскиот министер за култура најави и експертска помош како и учество на експерти од областа на креативните индустрии на Форумот за креативни индустрии кој во партнерство меѓу Британскиот Совет и Министерството за култура, ќе се одржи на 20 јуни годинава во Скопје.

Ова е втора билатерална средба меѓу Канческа-Милевска и Ланг. Првата средба беше одржана минатата година за време на одржувањето на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Талин- Европската престолнина на културата за 2011 година.