Превозниците задоволни од новите владини мерки, очекуваат подобрување на возниот парк и квалитетот на услугите

Новиот пакет економско - социјални мерки што го донесе Владата ќе ја олесни работата на превозниците и ќе придонесе за подобрување на возниот парк и за квалитетот на услугите за патниците, оценија од Здружението на превозници „Исток“ на денешната средба со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.  

Со  продолжувањето на рокот за  увоз на автобуси со Еуро 2 стандарди до февруари следната година превозниците ќе можат поевтино да набават автобуси  и ќе поквалитетно  да вршат превоз, со што ќе се подигне нивото на услуги, изјави Масер Омерагиќ, претставник на Здружението „Исток“.

Мерката за превоз на 3.000 деца на летување и зимување, пак, според Омерагиќ, ќе го зголеми обемот на работа на превозниците во, како што рече, овие тешки времиња кога се соочуваат со многу проблеми.

Министерот Јанакиески информира дека рокот за увоз на автобуси со еуро 2 стандарди кој истекува во август годинава се продолжува до следната година затоа што таквата мерка веќе дава резултати. 

- Увозот на возила со еуро 2 од 21 процент  пред една година е зголемен на 44 проценти  годинава, а бројот на возила  без еуро стандарди односно постари од 25 години е намален  од 42 на 23 проценти. Тоа  покажува оти ова е добра мерка и затоа како Влада одлучивме да ја продолжиме и очекуваме уште  повеќе да се подобри возниот парк во Македонија, изјави Јанакиески, оценувајќи исто така дека со мерката за летен или зимски одмор за 3.000 деца ќе се зголеми обемот на работа на превозниците.

Од Здружението „Исток“ велат дека има подобрување на работата откако  транспортните инспектори почнаа да ги санкционираат нелегалните превозници со одземање возила. За поголеми ефекти во сузбивањето на дивите превозници, според договореното на денешната средба, ќе има дополнителни казни.

- Веќе се одземени над 100 возила на диви превозници во период од девет до 12 месеци, а сега ќе има и дополнителни казни за на некој начин да ги  одвратиме дивите превозници да вршат таков превоз. Податоците од автобуските станици покажуваат оти продажбата на билети  некаде е зголемена  за пет пати, како што е случај во Куманово, а во сите генерално од 25 проценти до 50 проценти. На некој начин со тоа драстично ја намалуваме нелојалната конкуренција, рече министерот за транспорт.

Превозниците и  ресорниот министер разговарале и за измени на Законот за  превоз во патниот сообраќај, при што начелно е договорено  од идната година да биде воведено  електронско издавање билети во автобускиот сообраќај.