Работна средба на министерот Никола Попоски со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и на НАТО

Денеска, во Берово, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски имаше работна средба со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и на НАТО. На средбата, стана збор за неодамна одржаниот Самит на НАТО во Чикаго, за повторно изневерените очекувања – Македонија да го добие долгоочекуваното и заслужено полноправно членство во НАТО, како и за динамиката на евроинтегративните процеси. Министерот Попоски уште еднаш нагласи дека Македонија, и покрај неправдите, останува посветена на своите стратешки цели – да стане членка и на НАТО и на ЕУ.

Во дискусиите, беа презентирани видувањата на дипломатите за актуелните состојби во Република Грција, а пред сè во контекст на актуелната финансиска криза и во поглед на претстојните парламентарни избори. Министерот Попоски нагласи дека внатрешните прашања и приоритети на нашиот јужен сосед не треба да ги опструираат разговорите за наметнатиот спор и изрази очекување дека новата грчка влада, по изборите, ќе покаже поголемо ниво на посветеност и разумен приод, не само за изнаоѓање заемно прифатливо решение, туку и за реализација на целите на Алијансата и на ЕУ.

Министерот Попоски подвлече дека Македонија останува присутна на терен заедно со НАТО-силите, сè додека е тоа потребно, а останува и посветена и во исполнување на обврските и задачите во европските интегративни процеси, со очекување дека конечно ќе бидат надминати постојните блокади со кои се соочува.