Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на покана на „Трансатлантската лидерска мрежа“ денеска во Вашингтон ќе се обрати на Конференцијата на тема: „Западен Балкан - Трансатлантска и регионална соработка - градење силни сојузи“.
Во пресрет на почетокот на конференцијата беше организиран прием, каде Маричиќ имаше поздравен говор пред учесниците и домаќините на настанот, во кој изрази задоволство и чест за поканата и ги поздрави ваквите иницијативи кои ја зајакнуваат довербата и регионалната поврзаност, како и трансатлантските односи, врз кои ги градиме безбедноста и просперитетот на Западен Балкан.
Соговорници на панелот во кој учествува вицепремиерот Маричиќ ќе бидат албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, министерката за европски интеграции на Србија, Тања Мишчевиќ, Дејвид де Фалко, заменик помошник секретар за Европа и Евроазија при американското Министерство за трговија, Јасмин Махмузиќ, директор на Агенција за банкарство на Босна и Херцеговина и Валбона Зенели од Европскиот центар за студии за безбедност, Центарот Џорџ Маршал.
На конференцијата организирана од страна на Трансатлантската лидерска мрежа, а во соработка со Центарот за Европа на Атлантскиот совет, ќе се обрати и министерот за економија, Крешник Бектеши, на панелот посветен на енергетиката и енергетската независност.
Вицепремиерот Маричиќ работна посета на Соединетите Американски Држави ја завршува утре, на билатерална средба со специјалниот претставник за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија, Габриел Ескобар.