Промовирана владината мерка со која ќе се овозможи поголема достапонст до културните содржини

Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска и министерот за образование и наука Панче Кралев, денеска во Драмскиот театар во Скопје ја промовираа владината мерка со која ќе се овозможи поголема достапностдо културните содржини во Република Македонија, а кои се наменети за три категории на граѓани. 

Министерката за култура Канческа-Милевска, истакна дека поволностите ќе овозможат поголема достапност до културните содржини што ги нудат институциите од областа на културата во Република Македонија, театрите, музеите, операта и балетот и филхармонија. 

Во рамките на овие поволности предвидено е бесплатна посета на културните настани за лицата од социјално ранливите семејства, педесет проценти попуст за младите лица до 27 годишна возраст и педесет проценти попуст за пензионерите. 

- „За остварување на овие цели младите до 27 годишна возраст ќе можат да го користат попустот и да ги следат културните настани доколку со себе понесат лична карта, пензионерите ќе ги користат пензионерските легитимации, додека Министерството за Труд и социјална политика за лицата од социјално ранливите семејства ќе обезбеди посебни потврди од месно надлежните центри за социјална работа“, изјави Канческа-Милевска. 

Министерот Кралев во своето обраќање истакна дека постојат бројни предности од следењето на вакви социјални и културни активности во насока на зголемувањето на знаењето на луѓето за нови работи. 

Оттука, потенцираше Кралев, луѓето треба да се охрабруваат да учествуваат во овие активности кои во голем дел се различни од нивното секојдневие или можда студии, со цел да се создаде подобри, покреативни и мотивирани општества.

- „Уверен сум дека учениците и студентите ќе ја искористат оваа можност и се надевам дека содржини кои ги нудат институциите од областа на културата ќе бидат интересни и привлечни за љубителите на културата и уметноста“, изјави министерот за образование и наука Панче Кралев. 

Воведувањето на овие мерки претставува дополнителна потврда за грижата на Владата на Република Македонија и Министерството за култура  за поголема достапност на културните содржини до сите граѓани на земјава.