Владина делегација, предводена од премиерот Груевски во посета на Финска

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, кој што го предводи владиниот тим во чиј состав се заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот за привлекување странски инвестиции, г-дин Веле Самак, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, г-дин Христијан Делев, денеска (среда, 6 јуни 2012 година) престојува во Хелсинки, Република Финска.

Во рамки на посетата предвидена е средба со претседателот на Република Финска, г-дин Саули Ниинисто, потоа средба со членовите на Комисијата за надворешни работи на финскиот Парламент, како и одржување на бизнис форум со заинтересирани фински компании што го организира Финската асоцијација за надворешна трговија.

Синоќа во Хелсинки владиниот тим предводен од премиерот Груевски присуствуваше на вечерата што во чест на македонската делегација ја приреди амбасадорот на Канада во Република Финска, г-дин Кристофер Шапраданов, кој по потекло е Македонец, а на која присуствуваа претставници на неколку големи фински компании.