Груевски - Ниинисто: Повторена финската поддршка на Македонија за ЕУ

Финска дава поддршка на проширувањето и вклучувањето на Република Македонија во ЕУ, истакнал финскиот претседател Саули Ниинисто на денешната средба во Хелсински со премиерот Никола Груевски.

Премиерот Груевски по средбата изјави дека во разговорите со Ниинисто, кој е избран на функцијата пред околу еден месец, станало збор за билатералните односи, аспирациите на Македонија за членство во ЕУ и во НАТО и спорот за името кој ги попречува овие процеси.   

- Она што го потенциравме беше дека предолг период веќе Македонија има заслужено и е подготвена за членство во ЕУ и дека неправедно е оставена и понатаму да чека поради противењето на Грција и блокадите што таа ни ги прави. Ги изнесов сите детали околу тоа дека уште од 2009 година имаме добиено позитивно мислење и препорака за почеток на преговорите од ЕК и дека три години по ред, практично, се одложува почетокот на преговорите поради противењето на Грција кое е неразумно и неразбирливо и не е во европски дух, рече македонскиот премиер. 

Тој се осврнал и на состојбата со нашето членство во НАТО за што земјата од 2008 година е подготвена. Потенцирал и дека во декември минатата година Македонија го доби судскиот спор пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, како и дека се надева оти по изборите во Грција работите ќе тргнат во една подобра насока. - Останува да видиме таму што ќе се случи, рече Груевски.

Станало збор и за инвестициските можности што ги нуди Република Македонија во однос на правење бизнис, ниските трошоци за водење бизнис, најниските даноци во Европа и сите други предности што земјата им ги нуди на инвеститорите што е, вели, и главната цел за посетата на Хелсинки.

По средбата со претседателот Ниинисто, премиерот Груевски ќе има работен ручек со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Парламентот на Финска, по што ќе следи бизнис форумот.

- Централниот настан е бизнис-форумот, односно претставувањето на Република Македонија пред група инвеститори од Хелсинки кои покажаа интерес да дојдат на оваа презентација, што значи дека постои интерес кај нив да чујат нешто повеќе за Македонија и за можностите за правење бизнис во Македонија. По тој настан ќе имаме поединечни средби со некои од нив, рече Груевски. 

Во владината делегација, предводена од премиерот Груевски, се и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министeрот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Христијан Делев, вечерва заминува за Копенхаген. Во данската престолнина македонскиот премиер ќе се сретне со премиерот Хелен Шмит, со претседателот на Парламентот Могенс Ликетофт, како и со претседателот на „Данск индустри“, Ди Карстен Дибвад.