Развој на модерниот танц во Македонија, со поддршка на Министерството за култура

Министерството за култура, согласно одлуката на Владата, склучи тригодишен договор за финансирање на програмите на културниот центар „Интерарт“ со кој ќе се овозможи континуирано и квалитетно да се презентира најдоброто од современата танцова сцена, информира денеска минстерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, по посетата на овој центар.

Договорот ќе се реализира преку поддршка на проекти преку Годишната програма  за култура, кој е склучен меѓу Министерството за култура и „Интерарт“.

- Со склучувањето на овој договор, Министерството за култура и културниот центар „Интерарт“ станаа рамноправни партнери во континуираното унапредување на современиот танц преку самостојно делување во духот на европските принципи за самоодржување на културните програми, рече Канческа - Милевска.

Преку финансирањето на програмите од национален интерес на Министерството за култура, како што рече Канческа - Милевска, државата директно ќе застана зад стимулирањето на македонското современо танцово творештвото, македонското кореографско творештво, како спој на нашата извонредна танцова историја и традиција и современото танцово творештво.

Според неа, донесувањето одлука за поддршка на активностите на „Интерарт“, се однесува на препознавањето на вредностите кои овој центар ги развива на полето на развојот на современата танцова сцена во Македонија. Културниот центар „Интерарт“ веќе 16 години континуирано и стратешки работи на развојот на современиот танц во Македонија, располага со сопствен простор и целосна инфраструктура за развој на современиот танц.

- Проектот претставува вистински исчекор во однос на развојот на претприемништво во културата, а  Владата и Министерството за култура преку овој чекор отвораат едно ново поле и нов хоризонтот во поддршката на проектите од културата, следејќи ги светските примери, со што Македонија активно се вклучува во реализација на светски трендови и иницијативи, со кои се поддржува вистинскиот прогрес и развој во областа на современиот танц, рече министерката.

Убедена сум, истакна Канческа - Милевска, дека со ова се отвора нова можност за поддршка на сите субјекти во културата кои работат на развојот на независната уметничка сцена во Македонија во областа на современиот танц.

Според опсежната анализа на Министерството за култура, во Македонија една национална институција - МОБ го негува современиот танц и го унапредува.

Директорот на Македонската опера и балет Дејан Прошев рече дека покрај класичниот балет негуваат и современ и додаде оти со тоа ќе продолжат и во иднина. Тој потсети на веќе реализираните претстави „Врати“, „Прегратка“, „Изгубена верба“...

Уметничкиот директор на Балетот при МОБ Горан Божинов додаде дека мора да се биде во чекор со времето и да се пратат европските и светските трендови.

Уметничкиот директор на културниот центар „Интерарт“ Рисима Рисимкин изрази надеж дека како Центар, заедно со нивните студенти, кои за две години ќе станат први професионални современи танчери во Македонија, со таков тип едукација ќе имаат можност да го развиваат современиот танц на уште повисоко ниво.