Македонија со француска поддршка ги зголемува капацитетите за користење на ИПА фондовите

Македонија стои солидно во однос на искористеноста на инструментот за претпристапна помош - ИПА, но потребно е да ги зголеми своите капацитети за уште подобра искористеност на фондовите што ги нуди овој инструмент. Ова е една од целите на проектот „Комуникација и видливост за ИПА“, финансиран од Француската амбасада во Македонија во вредност од 50.000 евра, што го спроведува Секретаријатот за европски прашања.

- Сметам дека во однос на искористеноста на ИПА-фондовите сме солидни и не се вистина изјавите кои ги слушаме дека тие не се искористуваат. Доколку ги зголемиме нашите капацитети како институции, како општество, како централна и како локална власт, можеме да ја зголемиме искористеноста на фондовите, рече вицепремиерот за европски прашања Теута Арифи.

Потврда за тоа, според неа, е и фактот дека Македонија е прва по искористеност на TAIEX-инструментот кој нуди поддршка во сферата на реформите во областа на судството.

Според амбасадорот Жан Клод Шлумберже, овој проект за техничка помош е во рамки на поддршката на Франција за евроинтеграцијата на Македонија.

- Ефикасноста во информирањето за условите за добивање и користење на ИПА-фондовите е многу важна не само на државно, туку и на локално ниво за да може да се заштитиме од неискористување на европските фондови, рече амбасадорот Шлумберже.

На денешната прес-конференција во Владата беа презентирани резултатите од првата фаза од проектот „Комуникација и видливост за ИПА“, а тоа се изработка на стратегија, акциски план и прирачник за поголема видливост на ИПА-фондовите. Имплементацијата на овој проект ќе продолжи оваа година и во почетокот на 2013 година, а една од целите ќе биде обука на администрацијата и изработка на веб-страница со сите неопходни информации за аплицирање за ИПА-фондовите како инструмент кој треба да ја приближи земјата во процесот на евроинтеграциите.