Ковачевски: Северна Македонија и Естонија се НАТО сојузнички, нашиот европски пат е заедничка цел и заложба

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски по завршувањето на билатералната средба со естонската премиерка Каја Калас во рамки на Талинскиот дигитален самит 2023, во изјава за неговата посета на Естонија посочи за важноста на дигиталната трансформација за нашиот пат кон Европската Унија, како и за другите теми кои беа предмет на разговор за време на посетата.

Во продолжение ви ја доставуваме интегралната изјава на премиерот:

„Денес беше чест и задоволство да се биде присутен во Талин. Јас сум овде во работна посета на премиерката на Естонија, г-ѓа Каја Калас. Истовремено бев и дел од дигиталниот Самит Талин 2023, еден од најпрестижните самити за дигитални технологии. На самиот Самит разговаравме во однос на развојот кој го имаме како држава во делот на телекомуникациските мрежи и дигитализацијата. Северна Македонија е една од државите во регионот на Балканот, меѓутоа и во југоисточна Европа која располага со една од најразвиените телекомуникациски мрежи која е целосно дигитализирана и држава којашто има најголема покриеност во однос на 5Г технологијата во моментов.
 
Тоа е одлична основа за развој на дигитални алатки меѓутоа и за развој на голем број на владини услуги коишто ќе бидат дигитализирани и на кои работиме преку планот кој го спроведува Владата на Република Северна Македонија.
 
Дополнително имав состанок и со генералната секретарка на Светската телекомуникациска унија г-ѓа Богдан – Мартин, на која што беше истакната нашата одлична соработка уште од осамостојувањето на Северна Македонија. Исто така, таа го истакна фактот што нашите стручни лица, инженерите во делот на телекомуникациите, меѓутоа и на ИТ технологиите се високо ценети од страна на Светската телекомуникациска унија и исто така разговаравме за зголемување и продлабочување на соработката во однос на решенијата коишто можат да помогнат во забрзувањето на дигитализацијата на нашите јавни услуги.
 
Состанокот со премиерката на Естонија беше пријателски. Естонија е една од нашите најпријателски држави особено во делот на поддршката за проширување на ЕУ, со нови земји членки. Разговаравме за билатерални, но и за мултилатерални прашања бидејќи со Естонија сме држави кои се членки на НАТО. Разговаравме за поддршката која и едната и другата држава ја даваме на Украина во нивната борба за демократија и територијален интегритет, после неоправданата инвазија од страна на Русија.
 
Исто така, разговаравме во делот на соработката која ја имаме во делот на дигитализацијата на Северна Македонија во голем број на аспекти, со оглед на тоа што Естонија е една од најразвиените држави во делот на дигитализацијата. Секако дека тоа се однесува на голем број на проекти кои се водени кај нас, меѓутоа и оние кои ќе следуваат особено воведувањето на електронска лична карта за граѓаните на Северна Македонија, проект кој е во моментов започнат преку акциски план во МВР и соодветни други институции во државата.
 
Во фаза сме на пристапување кон Центарот за извонредност, за сајбер безбедност кој е практично дел од НАТО меѓутоа е сместен во Естонија. Многу наскоро ќе ја видиме и Северна Македонија, односно експертите од нашата држава коишто ќе бидат присутни во однос на унапредувањето на сајбер безбедноста на нашите институции.
 
Сакам да се заблагодарам на домаќините за срдечниот пречек и за големата поддршка која ја имаме од Естонија, нивната Влада, во делот на пристапувањето на Северна Македонија во делот на ЕУ, како и во делот на носењето на одлуките кои треба ние да ги донесеме во однос на овој процес“.