Груевски: СДСМ на митинзите промовира стара реторика, стари ликови и лицемерен однос

Премиерот Никола Груевски смета дека СДСМ на митинзите промовира стара реторика, стари ликови и лицемерен однос.

- Сите слушнавме дека СДСМ дека почнаа митинзи на кои ги промовираат кандидатите и спиења во селски куќи. Сега не знам кога одат во селските куќи дали им кажуваат на луѓето, на домаќините дека истите тие СДСМ истовремено во Парламентот предлагаат намалување на пензиите на пензионерите, намалување на социјалната помош на примателите на социјална помош, намалување на платите во јавниот сектор и намалување на субвенциите за земјоделците, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Не знам дали ги потсетија дека својот политички контра партнер, а тоа сме ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, со подбив пред неколку години го нарекуваа земјоделско селанска влада со црковно конзервативна провиненција и дека играа мајтап со нас зашто сме давале многу пари за земјоделците,  големи субвенции и дека на тој начин сме го направиле буџетот да биде земјоделски, што тие го критикуваа со нивните изјави.

- Претпоставувам дека тоа не го зборувале,  бидејќи ќе ги избркале од куќите затоа што многу од тие луѓе кај што спиеле или се приматели на социјална помош или се приматели на субвенции или имаат пензионер или повеќе пензионери, некој од нив работи во јавниот сектор. Така што ако ги потсетеле на овие работи дури и членови на СДСМ најверојатно ќе ги избркале. Но, претпоставувам дека тоа таму не го говореле и тоа си го чуваат за во Парламентот каде се носат законите и каде се носи буџетот, истакна премиерот Груевски. 

Што се однесува до митинзите, тој рече дека не може да каже оти забележал нешто ново освен, старата реторика, старите лица, старите пораки, луѓе кои во минатото никој не може да ги поврзе со дела, со работа, со проекти, луѓе зад кои има многу години стаж во политиката.

– Некои од нив се и многу години од извршната власт, а нема едно дело по кое може да се потсети народот, рече Груевски.