Младите во фокусот на земјоделската политика, ќе се формира нова подсекторска група, Сојуз на млади земјоделци и нова посебна програма за поддршка на младите земјоделци

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во просториите на министерството одржа средба со млади земјоделци, од сите региони во државава и од сите сектори.

На средбата беа презентирани резултатите од досегашните политики за поддршка на младите во секторот како и за новите можности кои им ги нудиме преку нашите мерки и програми како и ИПАРД програмата.

Министерот презентираше факти и бројки кои потврдуваат дека сме вистински насочени кон креирање на услови кои реално ги поддржуваат младите.

„Овие податоци треба да ги знае целокупната јавност а особено младите, за да им бидат мотив и патоказ дека создаваме сериозни услови за работа дома. Во нашата Програма за рурален развој предвидени се две мерки таргетирани само за млади од 18 до 40 години: Мерка 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“ со грант до 10.000 евра и Мерка 113 “Поддршка за поттикнување на земјоделското производство” со грант до 20.000 евра. Од 2017 година до денес, финансиска поддршка од овие две мерки искористиле вкупно 838 млади земјоделци од кои 576 млади добиле грант до 10.000 евра а 262 млади земјоделци добиле грант до 20.000 евра. Од вкупно склучени 2386 договори за закуп на земјоделско земјиште, во периодот од 2019-2023 година, 754 се млади земјоделци кои се ослободени од плаќање закупнина во првите три години. Од вкупно склучени 2369 договори за ИПАРД 2 дури 859 се млади земјоделци, чии инвестиции во земјоделството изнесуваат 9. милиони евра. Од вкупно регистрирани 130.000 земјоделци во ЕРЗС, 15.552 се млади земјоделци и оваа бројка постојано расте. Сите овие бројки се најголемата потврда дека нашите мерки и политики дале резултат и силно одекнале помеѓу младите луѓе кои ги искористиле сите можности што им ги нудиме како држава“ потенцираше министерот Николовски.

Креирањето нa политиките за младите земјоделци подразбира сеопфатен процес на создавање услови. Во 2019 воведовме измени во Законот за земјоделско земјиште, со кој овозможивме младите земјоделци да добијат земја под закуп и при тоа ги ослободивме во првите три години да не плаќаат закупнина. Тоа за нив е дополнително олеснување и голем мотив. Во собраниска процедура е и новиот Закон за советодавен систем, со кој ќе им помогнеме на сите земјоделци, а пред се на младите да добијат стручна помош и совети од квалификувани советници кои ќе им помогнат да остварат поголеми приноси, а со тоа и поголем профит.
Во процес на креирање е и нова идеја за формирање на Сојуз на млади земјоделци по примерот на Рурална младинска асоцијација на младите земјоделци во Словенија, кои се дел од Европската организација на млади фармери и кои оваа година слават триесетти роденден.

„Овој пример беше мојот лајт мотив, она што го видов во Словенија да го пресликаме дома и да ги мотивираме нашите млади земјоделци преку ваква организација да ги следат модерните европски текови и полесно да ги исполнат европските стандарди во земјоделскиот сектор. Веќе ја започнавме постапката за реализација на оваа идеја, ќе организираме студиско патување на наши млади земјоделци во Словенија. Тоа ќе придонесе за формирање на нова подсекторска група од која ќе произлезе нов сојуз на млади и посебна програма за млади фармери“ посочи министерот Николовски. 

Преку сите програми на министерството, фокусот е ставен на развој на руралните средини и подобрување на условите за живот како една од клучните фактори за младите да останат дома. Ова значи дека настапуваме фронтално, им приоѓаме на сите предизвици преку комплексни политики кои опфаќаат се што е потребно за да имаме рамномерно унапредување на сите нивоа и за сѐ она што ги засега младите.

На состанокот детално беше презентиран повикот за млади земјоделци за поддршка од 10.000 евра по корисник, од Националната програма за рурален развој, кој веќе е во тек. За прв пат од оваа година, младите земјоделци кои ќе добијат грант, ќе добијат авансна исплата во износ од 40% од вредноста на договорот. Исто така, беа посочени сите можности за младите земјоделци кои ги нуди ИПАРД 3 програмата. Активен е повикот за мерките 1 и 7, за кои младите во ИПАРД 3 имаат предност, па така процентот на кофинансирање за нив изнесува 70% а во некои случаи предвидени во условите на програмата, кофинансирањето за млади може да достигне и до 75% што е максимален процент на кофинансирање. Тоа е огромна поддршка за секој кој сака да инвестира.

Затоа, тимовите од Министерството и Платежната агенција, денеска одговараа на сите прашања, за заедно да направиме се што е во наша моќ да им помогнеме на сите млади, да ги искористат средствата и од повикот за Млад земјоделец и од повикот за ИПАРД 3.  

Во моментов на располагање се над 50 милиони евра. Огромна можност, огромен потенцијал за развој, огромна шанса за успех. Министерот Николовски ги повика сите млади земјоделци кои имаат визија, кои имаат развојни планови за своето производство да аплицираат и да ги искористат средствата.

Рокот за поднесување на апликации за мерката Млад земјоделец, како и за првиот повик од ИПАРД 3,  Мерка 1 и 7 истекува на 15.октомври, а за Мерка 3 од ИПАРД 2 програмата истекува на 3. октомври. Има доволно време, сите заинтересирани да се информираат, да прашаат, да се советуваат со нашите тимови и да подготват добри деловни планови со кои заедно ќе создадеме нови успешни приказни и нова иднина за младите во земјоделскиот сектор.