Пенов: Над 75 милиони денари за развојни проекти во Боговиње

Ја охрабрувам општината да продолжи со оваа динамика, затоа што Министерството за локална самоуправа и Владата во континуитет обезбедуваат финансиска поддршка за развој на општините и на планските региони. Општина Боговиње покажува голема иницијативност и подготвеност и годинава има аплицирано проекти на сите повици.

Секогаш треба да се има предвид дека финансиска поддршка може да се обезбеди само доколку се има добро изработен проект, со комплетна проектна документација и со проект кој што ќе биде корисен за граѓаните, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на денешната посета на општина Боговиње.

-Подобрувањето на патната инфраструктура ја олеснува комуникацијата и отвора поголеми можности за развој на општината, но и на целиот регион. Проектот за изградба на локален пат од Палчиште го финансира Министерството за локална самоуправа преку Програмата за намалување на диспаритетите, со цел да им помогнеме и на помалите општини да реализираат инфраструктурни проекти кои што се важни за општината и за граѓаните. Вредноста на проектот е 14,4 милиони денари и во целост средствата ги обезбедува Министерството за локална самоуправа. Позитивно се оценети и во фаза на одобрување се и другите проекти. – истакна Пенов.

Со регионален проект ќе се подобрува енергетската ефикасност со користење на обновливи извори на енергија преку поставување на фотоволтаици-вкупната вредност на проектот е 24 милиони денари, а се планира и урбана трансформација на Полошкиот регион, со воведување на е-услуги, што ќе ја олесни работата на администрацијата, но и ќе го олесни пристапот до услугите на граѓаните, во вредност од 13 милиони денари. Општината има проект и за развој на селата, за одведување на атмосферски води во село Пирок  во вредност од 13,5 милиони денари, како и за развој на специфичните подрачја, со реконструкција на пат во село Пирок, во вредност од 11,6 милиони денари.

-Финансиската поддршка на проекти од страна на Министерството за локална самоуправа и од Бирото за регионален развој зависи и од подготвеноста на општината. Важно е општините да имаат готови и добри проекти со кои што ќе аплицираат. – заклучи министерот.