„Уште на самото основање на овој Форум, решивме дека младите треба да бидат наши партнери, затоа што се клучните агенти на промена, затоа што ова се теми кои задолжително треба да бидат приоритет во нивниот активизам и затоа што сите наши напори всушност целат кон подобра иднина на генерациите што доаѓаат’’, изјави заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на втората панел дискусија на тема „Негување на интегритетот: Искоренување на корупцијата во и преку образованието“, во рамки на конференцијата организирана од Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, во соработка со UN Women.
Свои ставови и размислувања на панелот споделија и Далиборка Улјаревиќ, извршна директорка на Центарот за граѓанско образование од Црна Гора, Наим Рашити, извршен директор на Балканската група за истражување на политики од Косово, Владимир Георгиевски, претставник на канцеларијата за регионална младинска соработка-RYCO, Анита Николовска, извршна директорка на младинската организација „Младите можат“ и Ардита Секнај, генерална секретарка на Меѓународната стопанска комора на Албанија.
На панелот се дискутираше за клучните проблеми со кои се соочуваат младите во регионот, со осврт на корупцијата, како една од главните причини за големата миграција. Во фокус се стави потребата од модернизирано образование, кое ги вградува вредностите како етика, интегритет, еднаквост и одговорност и сите останати принципи на доброто владеење. Во однос на образованието, беше истакнато дека се неопходни драстично поголеми инвестиции во овој сектор, затоа што на сите земји од регионот им е неопходно јакнење на човечките капацитети на сите нивоа, за да може да се спроведат процесите на трансформација и интеграција. Панелистите се осврнаа и на коруптивните практики во образовниот систем, вклучително и на сексуалната изнуда и злоупотреба како родово заснована форма на корупција.
Надоврзувајќи се на ставовите дека младите се презаситени од конфликти и корупција и поради тоа не се заинтересирани за вклучување во општествените работи и текови во своите земји, вицепремиерката Грковска заклучи: „Градењето демократско општество со одговорни граѓани бара континуиран влог, континуиран напор и едукација, особено во еден ваков геополитички контекст, кога непријателите на демократијата ги користат сите расположливи оружја за да ја нарушат довербата во демократскиот концепт на уредување“.