Од 187-та владина седница: Одлуки за дополнителни намалувања цени на зеленчук и овошје, млеко и павлака и гарантирани цени на вода, негазирани и газирани пијалаци; заклучоци за спроведување на препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница донесе повеќе одлуки со коишто се штити животниот стандард на граѓаните. Направени се, на предлог на Министерството за економија, намалувања на маржите кај овошјето и зеленчукот, со што цените се очекува дополнително да се намалат до 30 проценти. Укинати се увозни давачки за млекото и павлаката, што се очекува да се одрази со намалување на цените и на овие производи. А, гарантирана цена е утврдена во продажбата на вода, негазирани и газирани безалкохолни пијалоци и пива.
 
Конкретно, Владата одлучи со посебна одлука да се пропише највисока трговска (профитна) маржа за овошјето и зеленчукот. И денеска е донесена Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со што се определува највисоката трговска (профитна) маржа, како посебен услов во трговијата со свежо овошје и свеж зеленчук. За сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо, се утврдува највисоката трговска (профитна) маржа во вкупен износ до 10%, а во трговијата на мало се утврдува во вкупен износ до 15%. Предвидено е одлуката да се применува до 30 ноември 2023 година, а влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Владата донесе и одлуки со коишто се предлага времено намалување увозни давачки со цел намалување на цените на повеќе производи.
Владата донесе Одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук и ориз. Донeсена е Одлука за укинување на увозните давачки за увоз на агруми, свежи или сушени, односно на: лимони, портокали, мандарини, грејпфрут. Владата донесе и Одлука за укинување на увозната давачка - царинската стапка за увоз на млеко и павлака.

На денешната седница, Владата донесе Одлука и за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, односно за определување највисоки цени во трговијата на големо и трговијата на мало за: минерална негазирана и газирана природна изворска вода, на газирани и негазирани пијалоци (сокови), со исклучок на енергетски пијалоци, како и на светло пиво (во пакување од 0,33 л во лименка;  0,5 л во стаклено шише и 1,5 л во пластично шише и лагер пиво).
 
Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба) коишто се применувале на 19 септември 2023 година, во трговијата на големо, а коишто цени се намалуваат најмалку за  10%. Трговците за вршење дејност трговија на мало, се должни да ги утврдат цените во трговијата на мало за овие производи согласно висината на процентот наведен во оваа одлука, а производите коишто се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, којшто е објавен на веб-страницата на Министерството за економија. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и е предвидено да се применува до 30 ноември 2023 година.
 
Владата на денешната седница ја разгледа и ја усвои Информација за потребата од преземање на итни мерки за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Владините заклучоците се донесени по посочувањето од предлагачот, Министерството за култура, на препораките од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО, потенцирани од Комитетот за светско наследство при УНЕСКО.
 
Меѓу владините заклучоци, задолжено е Министерство за животна средина и просторно планирање да донесе Одлука со којаш што ќе  ја задолжи ЈНУ - Хидробиолошки завод - Охрид да изработи приоритетна листа на клучни живеалишта од национално и европско значење и листа на статус на видови според IUCN класификација на загрозени приоритени видови на риби, безрбетници и алги во Охридско Езеро.

Има и повеќе укажувања до Управата за заштита на културното наследство, меѓу коишто, во посочени рокови, да достави насоки до надлежната установа – НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид, со што ќе ги дефинира (ограничи) можностите за изградба на нови објекти, надградби и доградби во Старото градско јадро на Охрид, имајќи предвид дека членот 59-ѕ од Законот за градење не е правен основ за доградби, надградби и реконструкции во старото градско јадро на Охрид.

Задолжувања има и до Министерство за транспорт и врски. Се задолжува Министерството за транспорт и врски, а се укажува на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, во прецирани рокови, секој во рамките на своите надлежности да започнат со отстранување на бесправно изградените објекти за коишто се издадени правосилни решенија за отстранување и за коишто се обезбедни финансики средства за остранувањето.
 
Задолжено е Министерството за транспорт и врски, а им се укажува на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, сите урбанистичко плански документации да ги доставуваат до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на мислење уште во фаза на предлог-опфат, односно пред да бидат усвоени од општинската Комисија за урбанизам и инкорпорирани во годишната програма.
 
Исто така, задолжено е Министерттвото за транспорт и врски, во соработка со Капетанијата на пристаништата - Охрид, да  формира Работна група за изработка на анализа на пловила во Охридското Езеро со пресметка и на капацитетот на носивост на пловила во Охридското Езеро.
 
Задолжено е Министерството за култура, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство да изработи Нацрт-верзија на Предлогот на законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
 
Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, донесе одлука за издвојување средства за законски востановената „Детска недела", којашто се реализира со цел развивање на општествената активност за афирмација на заштитата на децата. За време на траењето на „Детска недела", од 02 – 09 октомври 2023 година, е предвидено да се издвојуваат: од секој продаден влезен билет за театар, кино, уметничка изложба и други културни манифестации - 5,00 денари; од секоја поштенска пратка во внатрешниот сообраќај, освен на печатени работи 2,00 денара; од секој влезен билет на спортски натпревари и други спортски приредби - 5,00 денари; од секој продаден возен билет во железничкиот и автомобилскиот, меѓународниот, меѓуградскиот сообраќај - 5,00 денари; од секој продаден возен билет во авионскиот сообраќај - 50,00 денари; од секој продаден облик на електронски музички и видеозапис, видео касета и друго - 5,00 денари. Од плаќањето се исклучени изложбите, приредбите и другите културни манифестации организирани од страна на ученици и студенти во јавни установи. Во време на траењето на манифестациите посветени на децата се организираат културни, забавни, образовни, спортско-рекреативни, активности од областа  на екологијата и други активности посветени на децата.