Пилот-проект за професионална ориентација на учениците

На основците со натпросечна или високо просечна ментална зрелост најчесто им се препорачува гимназиско образование или по лична желба и средно стручно училиште, додека на послабите им се препорачува избор на средно стручно образование и избор на конкретна професија за која не е неопходно натамошно високо образование.

Ова се резултатите од тестовите за испитување на менталната зрелост на кандидатите-ученици за испитување на посебно способности и професионални интереси. Пилот-проектот за професионална ориентација на учениците го спроведе Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, а децата беа тестирани во времетраење од три часа.

Најголем дел од основците биле заинтересирани за општествени науки, односно да го продолжат своето школување во гимназија, додека околу 40 отсто се заинтересирани за средно стручно образование.

- Професионалната ориентација ги подразбира услугите на Агенцијата за вработување за невработените и други лица кои бараат работа, за избор на занимање или вработување по пат на тестирање и разговор и информирање за потребите од одделни занимања, како и можностите за вработување, рече на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Панче Кралев.

Во проектот беа вклучени 7 општини со по едно училиште и една паралелка од осмо одделение, а опфатени беа 184 ученици. Тестирањето беше извршено на 3 и 4 и 14 мај годинава.

- По добиените резултати од тестирањето, на оваа категорија ученици им се даде насока да одберат средно образование според тоа во која област покажаа најмногу интерес. Резултатите беа дистрибуирани по училиштата и учениците, а МОН ќе побара информација од училиштата дали учениците кои беа тестирани ги прифатија препораките. Ако ги прифатиле ќе го следиме нивниот образовен развој, совладувања на знаења и нивниот напредок, додаде Кралев.

Оваа година пилотиравме, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, но од следната година нашите заложби ќе бидат ова тестирање да се реализира во сите училишта низ земјата, се во насока на поголема усогласеност на програмите, согласно побарувањата на пазарот на трудот.

- Ако сакаме на учениците да им помогнеме во оваа фаза, апелирам до младите, посебно до оние кои треба да се запишат во средно училиште и кои имаат афинитети да продолжат на гимназиско образование да се фокусираат малку повеќе кон средното стручно образование, заради тоа што во моментов сме дефицитарни со стручен кадар со средно и високо образование, потенцираше Ристовски.

Од добиената анализа, нагласи, препорака за избор на средни стручни училишта добиле 71 кандидат, додека препорака за гимназиско обазование или средно стручно училиште добиле 113 ученици.

Од вкупниот број тестирани ученици, 24 поседуваат надпросечни интелектуални капацитети, 53 спаѓаат во високо просечна категорија, 63 влегуваат во категоријата на средно просечна популација, додека 44 кандидати спаѓаат во групата со подпросек.