Oдбележан Денот на воздухопловната бригада

Република Македонија верува во вас и во вашиот професионализам и затоа спокојно ви го дава своето небо, на што вие без исклучок возвраќате со храброст и посветеност, е пораката што денеска ја упати министерот за одбрана Фатмир Бесими на свеченото одблежување на Денот на воздухопловната бригада (вбр) на АРМ во касарната  „Страшо Пинџур“ во Петровец.

Вашата единица, истакна Бесими, е непосреден сведок на промените кои се случуваа во Армијата на Република Македонија и нејзините промени. Од формирањето на 10 април 1992 година кога со одлука на Претседателот на државата е формирана Командата на военото воздухопловство и противвоздушната одбрана, преку првиот лет на првата македонска посада во која беа мајорот Дане Илијевски и капетан Александар Манев со авион од типот Утва 75, па сè до денес, единицата доживеа многу трансформации, реформски зафати, командни реорганизации и кадровски зајакнувања.

- Со новата формација во блиска иднина би требало да броите околу 680 лица што сметаме дека е добра бројка за една ваква комплексна единица во чии редови се селектирани професионалци кои имаат изразито специфични мисии – од остварувањето блиска воздушна огнена поддршка на маневарските единици на АРМ, преку меѓународните обврски кои ве упатуваат на извршување на мисии од хуманитарен карактер предводени од НАТО, од ЕУ и од ОН, па сè до она што значи поддршка на институциите на Република Македонија во справувањето со природни непогоди и други несреќи, рече министерот за одбрана.

Во стратешките документи за реформи на македонската одбрана, најави, зацртана цел е развој на воздухопловни капацитети и способности за поддршка на копнените сили.

- Во текот на оваа и престојната година ќе се доразвие студија за расположливоста на воздухопловните капацитети во однос на животниот век на употребата, со проценка за замена во однос на типови  и динамиката на воведување во оперативна употреба на нови типови, појасни Бесими, додавајќи оти намерата е да  се доизградат способностите за извршување на мисии дење, ноќе и во сложени метеоролошки услови на целата територија на Република Македонија, а заради исполнување на НАТО стандардите.

Расположливите хеликоптерски капацитети, подвлече Бесими, се делумно модернизирани и надградени, според програмата „АЛЕКСАНДАР“. Заедничка намера е во периодот до 2015 да се воспостави соодветен систем за  воздушно набљудување и јавување поврзан со соодветни капацитети на НАТО преку АСДЕ програмата. Со тоа ќе се обезбеди слика за состојбата во националниот воздушен простор и ќе се овозможи постојан увид во состојбата на воздушниот простор над Република Македонија и подржат воздухопловните операции над нашата територија. По градежното уредување на објектот каде ќе се смести Оперативниот центар за воздушно набљудување (ОЦВН) и воздухопловниот оперативен центар (ВОЦ), ќе се отпочне со набавка на опрема и нејзина интеграција заедно со пакетот за обука. Преку овие активности, нагласи министерот за одбрана, веруваме дека ќе започнат подготовките за исполнување на предусловите за воспоставување интегриран систем за К2 и употреба на капацитетите за контрола и заштита на воздушниот простор над Република Македонија.Министерството за одбрана ќе ја поддржи и регионална иницијатива за воздушно набљудување.

- Употребата на авионите Су-25 се минато за Армијата согласно нејзината формација и потребите. Начинот како да се ослободиме од нив ќе биде разгледуван во престојниот период во рамките на реформскиот процес на одбраната, најави министерот Бесими.

Тој потсети дека едукативниот дел во Центарот за обука на пилоти ќе започне во септември оваа година, како составен дел на Воздухопловната бригада.

Командантот на воздухопловната бригада, потполковник Ќире Колевски истакна дека желбата да се успее секогаш била посилна од проблемите кои ја прателе единицата. Од самиот почеток, подвлече, нашата предност беше соодветно образован воздухопловен кадар кој претставуваше одлична  база за надградба и усовршување на генерациите кои следат.

Светската финансиска криза, рече меѓу другото, се одрази неповолно на воениот буџет во Република Македонија, а се наметнува концептот „паметна одбрана“ што значи планско инвестирање, поголема координација и избегнување на дуплирање на капацитетите.

- Да се почитува минатото значи да се гледа во иднината, а тие се подеднакво важни затоа што не прават тоа што сме денес. Нема подобар учител од минатото, како што нема сигурна иднина без достоен предизвик, а ние сме достојни за тој предизвик, и нашата големина ќе биде во способноста истиот да го исполниме, изјави потполковник Ќире Колевски.

На одбележвуањето на Денот на заменикот на воздухопловната бригада присуствуваше и поранешниот министер за одбрана Зоран Коњановски, заменик-началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Насер Сејдини, директорот на ГШ на АРМ бригаден генерал Димче Петровски, командантот на Здружената оперативна команда на АРМ бригаден генерал Методија Величковски и други високи гости.

На 28 јуни 1994 година тогашната команда на ВВ и ПВО на АРМ во својот состав ги доби првите транспортни хеликоптери Ми-17 со што оваа команда почна позабележително да се развива. Во 2001 година, оваа единица е опремена со борбени хеликоптери Ми-24, УХ-1Х и борбени авиони Сухој СУ-25.  

Покрај основната мисија на вбр за остварување на блиска воздушна огнена поддршка на маневарските единици на АРМ, денес нејзината мисија е да учествува во мировни и мисии од хуманитарен карактер предводени од НАТО, ЕУ и ОН, учество во справување со конфликти од регионален карактер, како и поддршка на институциите во Република Македонија при справување со природни непогоди и други несреќи.

Од 2006 до 2008 година, со еден хеликоптерски детачмент од тогашниот воздухопловен ВИНГ, АРМ учествуваше во мисијата „АЛТЕА“ во рамки на силите на ЕУФОР во Босна и Херцеговина од каде ангажирањето на оваа единица беше оценето со највисоки оценки.