Повторно се воведува мајчината книшка

Министерството за здравство ја возобновува мајчината книшка што треба да ја поседува секоја бремена жена.

- Мајчината книшка беше задолжителна пред 10 година. Порано беше обврска да ја има секоја бремена жена и тоа даде резултати, рече министерот Тодоров кој истакна дека се воведува повторно со цел подобрување на здравјето и квалитетот на животот на бремената жена, како и намалување на здравствените ризици по здравјето на мајката и доенчето.

Книшката, како што појасни министерот, претставува еден вид протокол кој ги предвидува сите чекори што треба да се преземаат во текот на бременоста и ниту еден не треба да биде пропуштен.

- Ќе имаме здравствени информации за секој стадиум и секоја фаза од бременоста. Ќе се следи континуирано и може многу полесно да се преземат сите оние потребни мерки кои ќе се востановат во текот на прегледите што ќе се прават, истакна Тодоров.

Посочи дека мајчината книшка, заедно со предвидените редовни прегледи, е една од формите за борба против смртноста на доенчињата која според статистиката во првите месеци е во пораст.

Според него, податокот за смртноста на доенчињата во првиот квартал е загижувачка, иако вели дека податоците се само за првите месеци и оти треба да се направат анализи на годишно ниво и да се најдат причините за тоа.

Во насока на подобрување и подигнување на здравјето на жените, потенцира дека беше и направената контрола во родилиштата во земјава и оти тоа даде резултати во однос на смртноста на родилките. Резултати, според министерот, даваат и утврдените протоколи.

Министерот порачува дека треба да се стави фокус и на проблемот што многу од жените во Македонија немаат избран матичен гинеколог и оти се предвидуваат одредени активности во таа насока.

Министерството за здравство промовира и брошура за здрава бременост која ќе биде дистрибуирана до матичните гинеколози, а која содржи начин на исхрана, вежби и слично.

Одговрајќи на новинарски прашања во врска со случајот за пациентка која почина, а анализите од биопсијата пристигнаа по нејзината смрт, Тодоров посочи дека проблемот е во екстремно малиот број доктори кои ги прават тие анализи. Објективно, појаснува, 10-тина доктори за целата територија се малку и оти за надминување на оваа состојба дадени се согласности за прием на нови доктори на Клиниката за онкологија и дека наскоро тоа ќе се направи и за Институтот за патологија. Тодоров истакна дека има добра опрема и оти треба да се обезбеди кадар.