Национална конференција за високо образование

Министерот Панче Кралев им се обрати на присутните на Национална конференција за високо образование организирана од Универзитетот на Југоисточна Европа, во Тетово, на ден 12.06.2012 година.  Конференцијата претставуваше можност да се сретнат академски кадри од сите полиња, административни работници од областа на високото образование, студенти, раководни лица од оваа област и претставници од соодветни владини институции.

Целта на овој настан беше да се разгледа состојбата во врска со подобрувањето на квалитетот на учењето и наставата во областа на високото образование во Република Македонија како и да обезбеди форум за презентирање и дискусија на научно истражувачка работа и добри наставни практики. Се зборуваше за теми како што се меѓународни рангирања, рамки за компетентност, резултати од студентски истражувања, агенции за евалуација (и обезбедување на квалитет), се со цел да се придонесе за истакнување на значењето и континуираното фокусирање на учењето и наставата во институциите од високото образование.

Во оваа прилика Министерот Кралев во своето поздравно обраќање рече: „Денешниот собир, организиран од страна на Универзитетот на Југоисточна Европа, доаѓа во вистинско време, кога сите заеднички сакаме да се договориме, кои стандарди за квалитет ќе ги применуваме и дали тие ќе одговорат на предизвиците за развиено општество кон кое тежнееме“.

„Минатата година, како резултат на нашите заложби за квалитетно високо образование и овозможување споредливост на нашите стандарди со светските и европските, Одборот за акредитација и евалуација на високото образование и наука беше прифатен за придружна членка на Европското здружение за обезбедување на квалитет (тхе Еуропеан Ассоциатион фор Љуалитѕ Ассуранце). Во периодот кој следи, треба напорно да работиме и да докажеме дека сме спремни истиот да стане член и да биде запишан во Европскиот регистар за обезбедување на квалитет (Еуропеан Љуалитѕ Ассуранце Регистер)“ – истакна министерот.

Кога зборуваме за квалитет на високото образование, зборуваме за доверба помеѓу високообразовните установи, надлежните органи, стопанството и нестопанството, студентите и нивните родители. Оваа доверба ќе изгради квалитет, само преку јасно поставени стандарди за очекувањата на сите нив поединечно, од кои најголеми се очекувањата од академската заедница, којашто го носи најголемиот товар, заклучи Министерот Панче Кралев кон крајот на своето обраќање пред присутните.