Средба Ковачевски - Варадкар: Северна Македонија треба побрзо да ги почувствува придобивките од членството во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на маргините од третиот Самит на Европската политичка заедница, во Гранада, Шпанија оствари средба со премиерот на Ирска, Лео Варадкар.

На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете држави, кои се без отворени прашања, како и заинтересираноста  за натамошно унапредување на
односите и интензивирање на соработката меѓу Северна Македонија и Ирска во сите домени од заеднички интерес, пред сè на економски план.

Премиерот Варадкар истакна дека Ирска цврсто ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, и воедно е меѓу најголемите поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ. На средбата од страна на ирскиот премиер беа посочени придобивките кои Ирска ги има како земја членка на ЕУ, истакнувајќи дека таквите придобивки важни за напредок и развој треба да ги почувствуваат и останатите земји. Во таа насока Варадкар посочи дека Северна Македонија веќе предолго чека на тој пат.

Соговорниците разменија мислења за актуелните политички случувања во земјата, во контекст на промената на Уставот, при што беше заеднички потврдено дека тоа ќе претставува практично придвижување на Северна Македонија на европскиот пат.