Девет театри ќе добијат нова техничка опрема

Министерството за култура оваа година ќе објави тендер за набавка на сценска, светлосна и тонска опрема за девет од 14 национални установи за театарска дејност во Македонија. Вредноста на набавката е 20 милиони денари. Опремата ќе се набавува три години, почнувајќи од идната.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција информираше дека стручна комисија направила увид на терен и анализа за состојбата на опремата во театрите и врз основа на неа спецификации за потребите на секој од нив.

Нова опрема ќе добијат Драмски театар-Скопје и Театар „Комедија“, Театарот за деца и младинци, Народен театар Битола и театрите што работат во центрите за култура во Прилеп, Куманово, Охрид, Струмица и Штип. Таа се состои од разни типови рефлектори, ламби, пултови, соодветни кабли, звучници, засилувачи на звук, аудиомиксери, микрофони, завеси и други сценски реквизити.

- Анализата утврди потреба за опремување на девет театри во Македонија кои технички се опремени во периодот 1980-1983 година и оттогаш нивните потреби за набавка на нова опрема се инцидентно решавани... Овој проект ќе претставува значаен исчекор во остварувањето на театарската дејност, истакна Канческа-Милевска.

Набавка ќе нема за Македонскиот народен театар, Турскиот, Велешкиот, Албанскиот и Тетовскиот театар, зашто тие ќе добијат нови објекти во кои ќе биде инсталирана и нова техничка опрема.

Проектот го поздравија директорите на театрите што присуствуваа на пресот. Директорот на Битолскиот театар Валентин Светозарев рече дека се исполнува нешто за што одамна мечтаел бидејќи работат со застарена опрема. Благодарение на желбата и љубовта на луѓето во театарот, додаде Светозарев, досега успевале нивниот  проблем да помине незаблежено кај публиката.

За иницијативата се заблагодарија и директориите на театри што не се опфатени со проектот -  МНТ, Народен театар Велес и Турски театар, кои ќе добијат нови згради.

- Досега театрите работеа со опрема под европски сценски стандарди. Со новата опрема ќе се зголеми продукцијата и квалитетот, а ќе се смени и односот на гледачите т.е. визурата на гледање на претстави, рече Дејан Лилиќ, директор на МНТ.

Директорот на театарот од Велес Јордан Витанов, пак, истакна дека е многу значајно да има унифицирани техничко-технолошки стандарди со кои, смета тој, ќе се направи естетски исчекор. Според него, новата опрема ќе заштеди и пари кои се вложуваат  во изработката на сценографии.