Владата и годинава ангажира волонтери за време на летниот период

Владата на Република Македонија врз основа на Законот за волонтерство има распишано конкурс за ангажирање волонтери за време на летниот период, односно нивен ангажман во месеците јули, август и септември.

Оваа активност се реализира во континуитет секоја година од донесувањето на Законот за волонтерство во 2007 година и таа претставува автентична политика на оваа Влада која има за цел на одреден број на млади дипломирани студенти, пред се од општествените науки, да им се овозможи стекнување на практично искуство преку ангажман во државна институција, што ќе придонесе за развој на нивната натамошна кариера.

Ангажирањето на волонтерите се спроведува за време на летниот период, кога заради користењето на летните одмори од страна на постојано вработените во државните институции се создаваат просторни и логистички услови за нивен ангажман, при што договорите за волонтерство завршуваат во месец септември.