Десет училишта вклучени во проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието

Десет основни и средни училишта низ Македонија потпишаа меморандум за соработка со проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, кој е четиригодишен и вреден 5,2 милиони долари. Проектот е отворен пред три месеци, а почетокот на активностите е официјализиран денеска, со потпишување на меморандумот.

„Братство Мигени“ од Тетово, „Тефејуз“ во Чаир, „Стив Наумов“ и „8 Септември“ во Битола, „Браќа Миладиновци“ во Демир Хисар, „Мите Богоевски“ во Ресен, „Никола Карев“ и „Маршал Тито“ во Струмица,  „Лирија“ во Боговиње и „Живко Брајковски“ во Бутел ќе  добијат парична помош за реновирање и подобрување на нивните наставни услови.

Тие се меѓу 100-те училишта од вкупно 25 општини кои аплицирале  на повикот пред месец и пол. Избрани се поради ентузијазмот  и покажаната подготвеност да се создаде средина во која различни етнички заедници ќе учат заедно.

Американскиот амбасадор Пол Волерс истакна дека САД и Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) продолжуваат со поддршка на проектите кои промовираат и негуваат мултиетничност, почитување на религијата, културата и јазикот на другиот.

- Од тоа корист ќе имаат сите граѓани на Република Македонија. Ова е клучно за градењето социјална и интеретничка кохезија во целата земја. Таков вид образование ќе им помогне на граѓаните активно да учествуваат во глобалните текови во 21 век, рече Волерс.

Вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери е уверен дека проектот ќе ја постигне целта за меѓусебно запознавање во мултиетничко и мултикултурно општество какво што е Македонија. Според него, најраната возраст е најдобра за  запознавање со другиот и за надминување на негативните стереотипи кои, како што рече, резултираат со страв, непријателство  и лоши односи меѓу заедниците. Притоа нагласи дека целта ќе биде остварена само ако интеграцијата биде заемна, а не еднострана.

- Мултикултурализмот и мултуетничноста се предност, а не недостаток на едно општество. Некои поединци се скептични за опстанокот на такво општество, но ние сме убедени дека таа своја карактеристика општествата може да ја искористат на патот на својот развој, истакна Џафери.

Министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека големиот одѕив на училиштата, локалната самоуправа, невладиниот сектор и родителските одбори потврдува дека потребата за меѓуетничка интеграција е голема и посакувана.  - Тоа дополнително придонесува заедницата да ги промовира духот на мултикултурализмот и соживотот, додаде Кралев.