Министерот Беџети им врачи решенија на 136 судски преведувачи

Министерот за правда Блерим Беџети денеска на 136 судски преведувачи им врачи решенија со кои се поставуваат  за  постојани судски преведувачи во судовите во Републикава.

Посакувајќи им успех во натамошната работа, Беџети истакна дека заклучно со оваа деветта сесија испитот го положиле 994 судски преведувачи за 22 странски јазици и јазиците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија и тоа за албански, англиски, босански, бугарски, германски, грчки, италијански, кинески, полски, португалски, руски, романски, словенечки, српски, турски, украински, француски, холандски, хрватски, црногорски, чешки и шпански. Судските преведувачи се распоредени во 26 основни суда во Републикава.

Беџети посочи дека реформите во судството, на планот на обезбедување на правото на судски преведувач, со извршените измени во законите и подзаконските акти придонесоа да се добијат соодветно обучени и искусни преведувачи, кои ќе ја извршуваат својата работа на најпрофесионален и одговорен начин.

- На овој начин и Република Македонија ја подобрува состојбата на исполнување на критериумите на Европската унија во спроведувањето на повеќејазичноста и јавната употреба на јазиците, како  утврдената  политика на унијата, истакна министерот.

Тој ги повтори заложбите на Министерството за правда дека и  натаму ќе дава сестрана помош и поддршка и ќе го поттикнува изучувањето и полагањето на сите јазици за потребите на судството и државата.