Ивановски: ИКТ компаниите да ги искористат можностите од програмата Отворено владино партнерство

Развојот на домашните ИКТ  компании   и предизвиците со кои се соочуваат,  можностите од програмата Отворено владино партнерство, како и условите за одвивање на јавните набавки во ИКТ областа, беа тема на денешната средба на министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски со членовите на Комората за информатичко општетсво МАСИТ при СКМ.

Министерот Ивановски и претседателот на МАСИТ Игор Бимбиловски, истакнаа дека за вакви економски времиња  за компаниите од ИКТ се значајни придобивките од Отвореното владино партнерство за дополнителен приход.

Македонија е 32 држава која го потпиша меѓународниот договор за отворено владино партнерство, што го почна САД, а кој  воведува транспарентност, односно се отвораат податоците и регистрите на сите државни институции кои  имаат информации од јавен карактер. На домашните компании им се овозможува да ги користат тие сервиси и бази на податоци за да развиваат  апликации за мобилен или за компјутер. Тоа, според  статистиките на Светска банка, во одредени држави придонело за развој на БДП до пет проценти. 

Според Ивановски, домашните компании добиле можност да прават апликации со податоците што им се на располагање од Државниот пазарен инспекторат и Државниот завод за статистика.

 -  Со отворање на овие податоци излегува на виделина креативноста на домашните компании, со што ќе можат да продаваат услуги или за домашниот сектор или за странски институции кои ќе имаат интерес. Очекувам дека домашните компании ќе ја имаат предвид оваа иницијатива, ќе ги искористат  податоците кои ги презентиравме за Пазарен инспекторат и за Државен завод за статистика. Податоците ќе бидат во обработлив формат и ставени на нивните интернет страници, а која  било компанија ќе може да ги искористи и да направи атрактивни апликации за паметни мобилни телефони и компјутери, изјави Ивановски.

Претседателот на МАСИТ  смета дека е значајно во вакви економски услови преку креативност и иновативност на компаниите да им се даде можност од владините институции со јавните податоци  да развиваат  апликации и сервиси кои ќе овозможат дополнителен приход.

- Тоа во вакви економски услови  ќе биде предизвик за сите фирми кои се  чувствуваат способни не само на домашниот, туку и на регионалниот и глобалниот пазар да развиваат продукти и сервиси и да ја зголемуваат својата конкурентност и иновативност, рече Бимбиловски.

Пред министерот, како што инфиормира, ги пренеле и нивните забелешки за јавните набавки во ИКТ и презентирале конкретен предлог како да се подобрат условите под кои се одвиваат. - Имајќи предвид дека оваа индустрија е малку специфична и во нив се содржи определна дополнителна интелектуална вредност дадовме предлози во скоро сите сегменти со што секогаш  на прв план ги ставаме испорачувањето квалитетни услуги, а не секогаш цената да биде пресудна, рече Бимбиловски.

Министерот Ивановски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека сите јавни набавки од први јули ќе се спроведуваат по електронски пат и секој ќе види што се набавува и која е техничката документација.