Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска оствари средба со претставници на Атлантскиот совет, непартиски тинк-тенк за надворешна политика со седиште во Вашингтон, која преку нејзиниот Европски центар, е посветена на одржување на Западен Балкан цврсто усогласен на евроатланскиот пат.
На средбата на вицепремиерот Битиќи со Лиса Хомел, помошник-директор на Атлантскиот совет за Европа и Рејчел Ризо, дел од проектот „Дигитален Западен Балкан“, се дискутираше за потенцијалот на дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан како и моменталниот статус на дигитализацијата во Република Северна Македонија со идентификување на клучните предизвици и можности за дигитализација и во приватниот и во јавниот сектор.
Вицепремиерот Битиќи од негова страна ја потврди личната заложба, и таа на Владата на Република Северна Македонија за целосна дигитализација на услугите во државните и јавните институции, кои за нашите граѓани ќе значи полесен и побрз пристап до процесите кои се од огромна важност за нив.
„Целосното автоматизирање на услугите значи и поголема достапност за сите наши граѓани, но најмногу за оние кои се вброени во маргинализираните групи во општеството, што претставува еден од чекорите кои ги преземаме за искоренување на сиромаштијата“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи ги запозна соговорниците со првиот дигитален асистент во јавниот сектор, АДА, кој го олесни пристапот на државна поддршка за сите компании во Северна Македонија како и за сите оние странски компании кои сакаат да инвестираат во нашата држава.
Ова рече Битиќи е јасен показател за посветеноста на Владата кон целосна транспарентност на процесите кои се поврзани со инвестициските текови во Република Северна Македонија како на домашните така и на странските компании.
Во рамките на проектот „Дигитален Западен Балкан“, соговорничките од Атлантскиот совет– Europe Center, ќе продуцираат извештај за дигитализацијата на Западниот Балкан, кој потоа ќе биде основата за идни предлози за регионална соработка на бизнис секторот со платформи поддржани од државните институции во регионот како и претставување на „добрите политики“ кои веќе покажуваат ефективни резултати.