Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на Самитот на лидери на Берлински процес, во Тирана, денеска учествуваше на работната сесија „Поддршка на зелената и дигиталната транзиција во Западен Балкан: Предизвици и можности за инвестирање и Раст“.
Низ призма на Заедничката декларација за намерите на Регионалното партнерство за клима меѓу лидерите на земјите од Западен Балкан и Сојузна Република Германија за регионалното климатско партнерство, се дискутираше за климатските промени и нејзините штетни ефекти кои претставуваат заедничка тема за загриженост за човештвото, што треба да се решава преку широка регионална и меѓународна соработка.
Во дискусијата беа опфатени, влијанијата на климатските промени кои сериозно го опфаќаат Западниот Балкан, за што беа усвоени повеќе Декларации кои позитивно ќе допринесат за справување со предизвиците од областа на животната средина, климатските промени и енергетската транзиција.
Лидерите на земјите учеснички на вториот панел од Самитот разменија ставови за предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан околу спроведувањето на Европскиот зелен договор кој предвидува нула емисии на фосилни горива до 2050 година. На сесијата беше истакната важноста дека сите земји треба да вложат напори и да финансираат проекти кои ќе обезбедат енергетска транзиција, како и регионални проекти, што е уште еден стимул за побрзо членство во ЕУ, бидејќи за такви проекти средства се обезбедени до страна на Унијата за земјите членки.
Северна Македонија посветено работи кон целта за климатска неутралност до 2050 година заедно со ЕУ преку Зелената Агенда за Западен Балкан. Во таа насока, Северна Македонија покажа одлучност за енергетска транзиција што од друга страна отвора можност земјата да биде пилот во регионот за финансиски институции, како што се Европската банка за реконструкција и развој и Европската инвестициска банка, за реализација на нови проекти.
Северна Македонија ќе продолжи да ги развива капацитетите за програмирање, планирање и спроведување на зелените инвестиции, како и на подигање на свеста за инвестирање во зелена инфраструктура.
Во рамки на дискусијата лидерите се осврнаа на постигнувањето на клучните цели од Зелената агенда за Западен Балкан, што се потпира на усогласувањето со целите од Зелениот договор, со што се потврдува обврската на Западен Балкан да промовира ефективно управување, со што ќе се овозможи позитивна средина и за граѓаните и за потенцијалните инвеститори. Тоа несомнено ќе го катализира постигнувањето на колективните цели за одржливост на животната средина, европска интеграција и добро владеење во регионот на Западен Балкан.
На панелот се разменија ставови околу глобалната климатска агенда во време на геополитички неизвесности, за што од голема важност за Западен Балкан е со помош на ЕУ, соодветно да одговори на енергетските и социо-економски притисоци, но во исто време земјите од регионот, да бидат одговорни во справување со климатските промени.