Ковачевски: Со навремени и правилни мерки, создаваме поволна бизнис клима, ја заштитивме ликвидноста на компаниите и животниот стандард

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши ја посетија компанијата „МИС Глобус ДОО“. Премиерот Ковачевски при посетата ги презентираше владините мерки за приватниот сектор кои им овозможуваат на компаниите да го модернизираат и зголемуваат производството, и истовремено да имаат и понисики производствени трошоци.

„Со помош на ИПАРД средствата од близу 65000 евра, „Мис Глобус“ се одлучи да се фокусира на иднината со поставување на фотоволтаичен систем и соларни панели со цел да ги намали трошоците за производство на месни продукти и резултатот денеска е видлив-помали трошоци, поголемо производство и подобар пласман“, изјави премиерот Ковачевски во своето обраќање при посета на компанијата, при што ја поздрави нивната одлука да ја применат мерката „гарантирана цена“ и со тоа да излезат во пресрет на потребите на граѓаните и да го помогнат стабилниот курс на нашата економија.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека, Владата презема мерки и поддржува иницијативи за рационално искористување на обновливите извори на енергија и нивно ставање во функција на целосна енергетска ефикасност и енергетска независност на нашата држава.

„Во услови на криза, успеавме да го зголемиме домашното производство на електрична енергија, па дури и да извезуваме струја. Од Република Северна Македонија создаваме Зелен Енергетски хаб на Европа и тоа може да го потврдат кои ги прават анализите во делот на инсталирање на обновливи извори на енергија. Нашата стратегија за развој на енергетиката до 2040 година е целосно заснована на европскиот зелен договор и веќе ја спроведуваме во земјата. Владата која јас ја предводам, ќе остане запаметена како Влада во чиј мандат е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија“, рече премиерот Ковачевски во своето обраќање пред присутните.

„Уште од почетокот на енергетската криза, претходно и за време на пандемијата, носевме навремени економски оправдани мерки, помогнавме да се одржи ликвидноста на компаниите, носевме автономни царински мерки за да можат компаниите да ја задржат својата ликвидност, но и мерки од другите области кои го засегаат нивното работење, како на пример поддршката за исплата на плати на вработени, или поддршка за зголемување на платите на вработени кај нашите производни и услужни компании.

За само една година ја преполовивме инфлацијата, носиме мерки во интерес на сите со цел во последниот месец од година инфлацијата да ја сведеме на 5%“, подвлече премиерот Ковачевски, додавајќи дека со замрзнување и намалување на цените на основните прехранбени продукти и обезбедување на ‘гарантирана’ цена на производите, како и со владината одлука за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5% за најголем дел од основните прехранбени производи, се создадени предуслови за намалување на инфлацијата на 5 отсто до крајот на годината.

Министерот за економија, Крешник Бектеши ги повика и другите стопанственици во државата да го следат примерот на компанијата „МИС Глобус“ во делот на предизвиците со кои сите треба да се соочуваат како стопанство со инвестиции во енергетска независност.

„Тоа значи енергетска независност, тоа значи намалување на оперативните трошоци, со што нашите компании ќе станат поконкурентни, ќе можат да отворат нови работни места и да освојуваат нови пазари“ рече министерот Бектеши.

Министерот Бектеши потенцира дека се подготвени сите правилници и подзаконски акти во делот на воведување и дополнителна можност на сите компании кои инвестирале во фотонапонски централи, во делот на складирање на електрична енергија во моментот кога ќе имаат вишоци.

Министерството за економија, како што спомена министерот Бектеши, во текот на следните две недели ќе ја усвои Уредбата во делот на воведување на гаранција на потекло што е механизам на Европската унија посебно во делот на производство на електрична енергија од обновливи извори.
 


Обраќање на ПВРСМ Ковачевски во компанијата „МИС Глобус“
 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши ја посетија компанијата „Мис Глобус ДОО“. Премиерот Ковачевски при посетата ги презентираше владините мерки за приватниот сектор кои им овозможуваат на компаниите да го модернизираат и зголемуваат производството, и истовремено да имаат и понисики производствени трошоци.

Во продолжение Ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Ковачевски:

„Почитувани сопственици на фабриката „МИС Глобус“
Почитувани медиуми,
Почитуван министер за економија, Бектеши,
Почитувани граѓани,

Денеска сме во посета на една од нашите најуспешни, први приватни компании во месната индустрија, компанијата МИС Глобус ДОО Скопје, која опстојува 30 години на македонскиот пазар. 

Со помош на ИПАРД средствата од близу 65000 евра, „МИС Глобус“ се одлучи да се фокусира на иднината со поставување на фотоволтаичен систем и соларни панели со цел да ги намали трошоците за производство на месни продукти и резултатот денеска е видлив-помали трошоци, поголемо производство и подобар пласман. 

Го поздравувам овој потег на компанијата, но и нивната одлука, како и многу други компании, да ја примени мерката „гарантирана цена“ и со тоа да излезе во пресрет на потребите на граѓаните и да го помогне стабилниот курс на нашата економија. 

МИС Глобус ги има веќе намалено линеарно своите цени за сите нивни купувачи во малопродажбата и има навистина помогнато во оваа криза, нашите граѓани да се снабдуваат со поевтини производи кои што имаат и гарантирана цена. 

Овде ја гледаме иднината, за која јас зборував меѓу првите во нашата држава и ставав акцент на искористување на обновливите извори на енергија. 

Затоа, посветено и со одговорен пристап, преземаме мерки и поддржуваме иницијативи за рационално искористување на обновливите извори на енергија и нивно ставање во функција на целосна енергетска ефикасност и енергетска независност на нашата држава. 

МИС Глобус веќе има инсталирано 200 киловати централа за производство на електрична енергија и се во фаза на инвестиција за уште толкав капацитет со кој ќе произведуваат електрична енергија за своите потреби и веќе 40% од производството, од потребите за електрична енергија за нивното производство го покриваат со сопствено производство на електрична енергија. 

Во услови на криза, успеавме да го зголемиме домашното производство на електрична енергија, па дури и да извезуваме струја. Од Република Северна Македонија создаваме Зелен Енергетски хаб на Европа и тоа може да го потврдат кои ги прават анализите во делот на инсталирање на обновливи извори на енергија. Нашата стратегија за развој на енергетиката до 2040 година е целосно заснована на европскиот зелен договор и веќе ја спроведуваме во земјата. 

Владата која јас ја предводам, ќе остане запаметена како Влада во чиј мандат е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија.

Го подигнавме интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија. Ги олеснивме процедурите, ги прилагодивме законските решенија и правилниците за што најголем удел имаат МЕ и МТВ, значи Бектеши и Бочварски. 

Во моментов во нашата држава работат фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќ од 400 мегавати кои произведуваат 610 гигават часови електрична енергија и произведуваат електрична енергија за 198.000 семејства во државата. За период од речиси две години, дури 685 централи добија дозволи за работа, а тие, според пресметките, може да снабдуваат со струја над 160 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на 18 градови. 

Годинава започнуваме и со реализацијата на неколку крупни инвестициски проекти, како изградбата на гасниот интерконектор со Грција со којшто се приклучуваме на транс-јадранскиот гасовод и ќе добиваме гас како од Азербејџан така и од другите држави кои продаваат и земен и ЛНГ гас кој ќе доаѓа на балканскиот полуостров преку ЛНГ терминалите во Грција и новиот кој се гради во Александропули. 

По период од 30 години конечно избравме приватен инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот  „Чебрен“ која има огромно значење за декарбонизацијата и за праведната енергетска транзиција. 

И уште неколку крупни капитални проекти со кои час поскоро очекуваме да постигнеме домашна енергетска ефикасност и независност во целост.

Владата создава услови за поволна бизнис клима и деловен амбиент. Компаниите ја препознаваат нашата цврста волја да помогнеме. Пред извесно време бев присутен на свеченото отворање на приватна фотоволтаична електроцентрала во земјава – „ФЕЦ Новаци“ која е и најголема на Балканот од приватен инвеститор. Новата централа, е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh енергија која е доволна да задоволи потреби на 30.000 семејства. 

Постојано сум присутен и на терен лично се информирам за успесите на нашите компании, како што сум и денес тука, како што бев и вчера гостин заедно со ВП Маричиќ во една од нашите компании  и го слушам нивниот глас и нивните потреби бидејќи тие се моторот на нашата економија.  

Во МИС Глобус работат 40 работници, тие имаат потреба во моментов за дополнителни 50 работници, доколку ги има на пазарот на работна сила.  Владата е партнер на компаниите. Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес, Владата поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За период од 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати во однос на она што беше потребно. 

Ова е огромен економски стимул за компаниите бидејќи во услови на криза успеавме да обезбедиме помош секаде и за секого и засекогаш. Нашите резултати се мерливи и видливи.  

Уште од почетокот на енергетската криза, претходно и за време на пандемијата, носевме навремени економски оправдани мерки, помогнавме да се одржи ликвидноста на компаниите, носевме автономни царински мерки за да можат компаниите да ја задржат својата ликвидност но и мерки од другите области кои го засегаат нивното работење, како на пример поддршката за исплата на плати на вработени, или поддршка за зголемување на платите на вработени кај нашите производни и услужни компании. За само една година ја преполовивме инфлацијата, носиме мерки во интерес на сите со цел во последниот месец од година инфлацијата да ја сведеме на 5%. 

Со замрзнување на цените на основните прехранбени продукти и нивното намалување преку обезбедување на ‘гарантирана’ цена на производите, како и со владината одлука за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5% за најголем дел од основните прехранбени производи, кои се 1650 на број, создадовме предуслови за да ја намалиме инфлацијата на 5 отсто до крајот на годината, што сметам дека е остварливо од оваа перспектива и од аспект на мерките кои ги носиме.  

Вака се работи домаќински, одговорно, посветено. Сите овие наши напори се препознаени од меѓународната заедница како чекор напред на патот кон остварување на нашиот европски сон- а тоа е Европската Унија. 

Пред нас имаме историска шанса која не смееме да ја пропуштиме. Оваа одлука ќе не донесе до единствениот европски пазар, повеќе работни места, повеќе бизниси и повеќе можности за сите. Тоа е нашата иднина, иднината каде припаѓа Република Северна Македонија а тоа е ЕУ. 

Ви благодарам.“