Јакнење на борбата за сузбивање на сивата економија ќе се постигне преку формализирањето на координацијата помеѓу институциите на системот во Националниот совет за формализација на неформалната економија. Меѓуресорното тело наскоро ќе ја одржи својата прва седница, додека денеска во Министерството за финансии беше одржан подготвителен состанок помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој ќе претседава со Советот, како и директорите на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, Царинската управа, Стефан Богоев, Управата за финансиска полиција, Горан Иванов и Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов. На состанокот покрај координација за претстојната седница, стана збор и регулацијата на финансиските друштва согласно новоусвоената законска рамка во функција на јакнење на заштитата на потрошувачите.
Националниот совет за формализација на неформалната економија го сочинуваат 20 членови, претставници од највисоко ниво од институциите во чија надлежност се активностите за намалување на неформалната економија. Одлуката за формирање на Националниот совет ја донесе Владата, а неговата улога е насочување на мерките и активностите согласно Стратегијата за формализација на неформалната економија 2023-2027 и Акцискиот план, кои се резултат на меѓусекторска соработка и се базираат на сеопфатен пристап во справувањето со неформалната економија.
„Неформалната економија е еден од најгорливите проблеми како за економијата, така и за општеството, бидејќи сивата економија значи еднократна добивка на поединец за сметка на долготрајна загуба на целото општество. Даночната евазија, работата на црно и други форми на избегнување на системот, се на штета на целиот јавен апарат - на здравството, образованието, социјалата, развојот на инфраструктурата. Затоа, системот мора да се насочи кон искоренување на оваа аномалија, а добрата координација помеѓу институциите кои се задолжени за различните системски цели е клучна во креирањето на синергија во оваа борба“, порачува министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Таргетот на среден рок, односно до 2027 година, е како резултат на преземените активности, неформалната економија да се намали за 9 процентни поени.