Отворен првиот Национален центар за хемофилија

Во рамки на скопските клиники денеска беше отворен првиот Национален центар за хемофилија во регионот.

Услугите на центарот од денеска ќе може да ги користат повеќе од 300 лица болни од хемофилија. Објектот е реновиран со грант од 65.000 швајцарски франци од Фондацијата за хемофилија „Ново Нордиск“.

- Ова е сериозно подобрување и зголемување на нивото на квалитет за сите лица кои боледуваат од оваа болест и ќе претставува чекор во подобрување на состојбите во лекувањето. Досега овие лица терапијата и прегледите кои треба да ги прават најмалку два пати годишно ги добиваа во зградата на трансфузиологија заедно со сите останати пациенти, рече министерот за здравство Никола Тодоров кој присуствуваше на отворањето на објектот.

Имајќи предвид дека станува збор за хронично болни лица на кои им е потребна постојана терапија, рече министерот, сметавме дека овие простории треба да се отворат 24 часа и да се направат подобри услови, со оглед на тоа дека станува збор за непредвидлива болест.

- Денешниот настан коинцидира со Светскот ден за крводарителство-14 јуни и во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите хумани луѓе кои со дарувањето крв спасуваат многу животи, додаде Тодоров.

Во делот на фактори за коагулација, нагласи, во Македонија воопшто не се јавува недостиг и можам да кажам дека сме една од подобрите земји во регионот и пошироко.

Во рамки на проектот со кој беше опфатено и реновирањето, предвидено е да се финансира и едукација на ортопед и физијатар во Милано, како и на психолог. Здружението „17 април“ ќе организира и летен едукациски камп за лицата со хемофилија.

Во Република Македонија секоја година се регистрираат околу 4-5 новозаболени од хемофилија меѓу кои и деца.