Почна реконструкцијата на градинката „Лале“ во општина Аеродром

Општина Аеродром почна со реконструкција на покривот, подовите и санитарните јазли во градинката „Лале“ за што се издвоени 5 милиони денари од општинскиот буџет.

- Ќе биде поставена и нова термоизолација и целосна промена на прозорците. Важно е да се напомене дека сите материјали кои се вградуваат се еколошки и енергетски ефикасни, со што ова ќе биде уште еден објект во општината кој ќе троши помалку електрична енергија, изјави градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски.

Се очекува, истакна, реконструкцијата да се заврши до септември и до крајот на годината да се реконстурираат повеќе градинки и училишта со енергетски материјали. Коневски информираше дека општината одвоила милион ипол евра за оваа намена.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој заедно со градоначалникот Коневски денеска беше во посета на градинката, нагласи дека станува збор за исклучително значајни проекти.

- Сакам уште еднаш да ги повикам градоначалниците кои имаат можности и капацитети да го следат примерот на општината Аеродром која е единствена што со свои ресурси почна и успева да реализира реконструкција на градинки и училишта, рече Ристовски.

Со реконструкцијата, потенцираше, се очекува да се зголеми квалитетот на згрижување и воспитување на децата, а од економски аспект да се обезбедат големи заштеди.

Општината неодамна ја заврши реконструкцијата на градинката „Калинка“ и основното училиште „Браќа Миладиновци“.