Владата на Северна Македонија водеше успешна политика од почетокот на економската и енергетска криза, пред сѐ во делот на обезбедувањето на електрична енергија без никаков прекин во текот на целата измината година. Сетот на мерки вклучуваше и парична помош за социјални случаи, невработени, пензионери со ниски пензии, справувањето со последиците од енергетската и економска криза беше оценето и од Светска Банка, како најголем пакет на антикризни-мерки наменети за граѓаните. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница, говореше за економските и енергетските политики на Владата, во време на најголемата економска и енергетска криза, кои продолжуваат и во периодот кој следи.
„Нашата земја водеше успешна политика од почетокот на економската и енергетска криза, пред сѐ во делот на обезбедувањето на електрична енергија без никаков прекин во текот на целата измината година. Но, исто така, континуирано креиравме мерки за обезбедување на субвенции и финансиски средства за најранливите категории на граѓани како и субвенционирање на цената на електрична енергија, која е обезбедена за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар кои вработуваат над 90% од вработените во државата. Таа цена на електрична енергија беше субвенционирана од страна на државата со 80%. Северна Македонија имаше најголем пакет на анти-кризни мерки во износ од 760 милиони евра, што го потврди и Светска Банка во однос на сите земји во регионот, а кој беше наменет за поддршка за граѓаните и за поддршка на компаниите, во делот на справувањето со економската и енергетска криза“, рече премиерот.
Кризата беше искористена да се претвори во можност за зголемување на домашното производство на електрична енергија, па дури како држава и да извезуваме струја во текот на најтешкиот месец, јануари оваа година.
„Од Република Северна Македонија создаваме Зелен енергетски хаб во регионот и Европа и тоа може да го потврдат сите анализи кои се прават во оваа област. Нашата стратегија за развој на енергетиката до 2040 година е целосно заснована на европскиот зелен договор и веќе ја спроведуваме во земјата. Владата која ја предводам, ќе остане запаметена како Влада во чиј мандат е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија во историјата на нашата држава“, истакна претседателот на Владата.
Премиерот Ковачевски говорејќи за инвестициите во делот за развој на енергетиката, истакна дека оваа Влада ќе остане запаметена по тоа што во овој мандат е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија. Освен подигањето на интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија, Владата исто така ги олесни процедурите, прилагодени се законските решенија и правилниците за што најголем удел имаат Министерството за економија и Министерството за транспорт и врски.
Во моментов во нашата држава работат фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќ од 450 мегавати кои произведуваат 610 гигават часови електрична енергија и произведуваат електрична енергија за 198.000 семејства во државата. За период од помалку од две години, дури 685 централи добија дозволи за работа, а тие, според пресметките, може да снабдуваат со струја над 160 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на 18 градови во државата. Од исклучително значење ќе биде и проектот Чебрен, којшто беше единствено на хартија како проект повеќе од 5 децении.
Владата продолжува со реализација на Програмата на Владата за периодот 2022-2024 година, а тоа е енергетска транзиција и одржливост, што на долг рок ќе придонесе за зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови енергетски инфраструктурни проекти.
Претседателот на Владата Ковачевски говорејќи за идните планови истакна дека целта на Владата е и целосно гасифицирање на државата .
„Минатата година се реализираше инвестицијата, односно поврзување на гасоводот од Жидилово до Битола со што се овозможува понатамошни инвестиции во гасни централни во РЕК Битола и се овозможи конечно после 50 години граѓаните на Битола да добијат топловод со кој ќе има централно греење во Битола. Првата фаза е завршена, втората фаза ќе започне во текот на наредната недела“, истакна премиерот Ковачевски.