Само во Северно-источниот регион, најмалиот во земјава, Владата има потпишано вкупно 41 договори за финансиска помош за инвестиции во износ од над 600 милиони и 500 илјади денари, за што има исплатени над 152 милиони денари поддршка, изјави заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, при посетата на компанијата „БЕНТОН-НИ“ во Куманово.
Вицепремиерот Битиќи во неговата изјава за медиумите, рече дека Владата и „Бентон-ни“ заедно пишуваат успешна економска историја за нашата земја, бидејќи е една од 919-те компании кои Владата ги има поддржано во нивните инвестициски циклуси преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а тие возвраќаат со нови работни места и достоинствени плати за нашите граѓани.
„Сопственикот на компанијата, господинот Назми Ејупи ме запозна од блиску со производствените капацитети на компанијата, која произведува прехранбени продукти и производи за хигиена, со што над 100 нејзини различни производи завршуваат во европските земји и тие на Западен Балкан. Токму затоа оваа компанија е поддржана од Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите со договорот потпишан за инвестицискиот проект 2019-2023 година, при што за мерките Поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи и поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот и се исплатени околу 6 милиони и 800 илјади денари за оправдани инвестициски трошоци од над 25 милиони и 500 илјади денари“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека преку оваа поддршка, Владата го поттикнува и локалниот економски развој, бидејќи само во 2022 година, бројот на поддржани компании надвор од Скопскиот најразвиен регион е зголемен за 150% или 232 вкупно поддржани компании.
„Само во овој Северно-источен регион, најмалиот, имаме вкупно потпишано 41 договори за финансиска помош за инвестиции од над 600 милиони и 500 илјади денари со исплатени над 152 милиони денари. Со гордост можам да кажам дека секојдневно расте бројот на домашни компании кои преку ЗФПИ се охрабрени да инвестираат, и до сега Владата има поддржано 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси со реализирани 500 милиони евра инвестиции подржани со 100 милиони евра, некаде околу 20 проценти“, изјави Битиќи и додаде дека на довербата, Владата ќе возврати со измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите за загарантирана 100% исплата кон секоја компанија, за да исплатата на поддршката не зависи од нечија волја.
Сопственикот на компанијата, Назми Ејупи, изрази благодарност за финансиската помош, за која рече дека ги прави поконкурентни на Европските пазари, бидејќи освен во регионот, компанијата сега успешно извезува и во Шведска, Австрија и Грчка, со планови за проширување и во други земји на Европската унија.