Министерот Попоски се сретна со пратеникот во Парламентот на Србија Миле Спирковски

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во Белград се сретна со пратеникот во Српскиот парламент и претседател на Демократската партија на Македонците во Србија Миле Спирковски, кој е прв Македонец е избран во Народното собрание на Република Србија.

Како што информира МНР, средбата се одржала во Амбасадата на Република Македонија во Белград и на неа Попоски бил информиран за активностите на партијата, во чии приоритети и цели се афирмација на македонската заедница во Србија и негување на нејзините културни и национални вредности.

- Министерот Попоски порача дека останува приоритет да се зачува и да се негува единството на македонската заедница, организирана во разни институционални форми. Особено ја нагласи намерата за интензивирање и развивање на економските и културните врски помеѓу општините во кои живеат Македонците во Србија со Република Македонија, и реализација на конкретни проекти, соопшти МНР.

Шефот на македонската дипломатија денеска во Белград учествува на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).