Интервју на вицепремиерката Теута Арифи за Радио Слободна Европа
Треба да поработиме на реформите во целина. Добро се работи, има добра активност, но треба уште повеќе во однос на реформите и ефикасноста на јавната администрација. Не треба да го занемариме фактот дека судството и целиот тој процес е под голема лупа на Европската Унија и тука исто така треба да се поработи, изјави вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи во интервју за Радио Слободна Европа.
- Не можам да кажам дека има застој во реформите во судството, но мислам дека треба да го промениме кон подобро имиџот и оти тоа може да се направи. Имав состаноци со високи судски инстанци и гледам волја и подготвеност. Таа подготвеност треба да се покаже и мислам дека ќе биде ценета и од Брисел, истакна Арифи.
Прашана на што го темели оптимизмот дека во октомври Македонија ќе добие добар извештај за напредокот од Европската Комисија, Арифи со одговор дека „оптимизмот не можете да го темелите на ваши желби, туку на тоа што го правите“.
- Јас го темелам врз основа на тоа како одговоривме најпрво и на листата на Санино. Го темелам и врз тоа дека можеби можеме да дадеме еден нов поттик на процесите. Имавме добри избори што мислам дека ќе се признае во извештајот и дека ќе имаме извештај со кој ќе добиеме преодна оценка, можеби не највисоката, но има ситуации кога е битно да поминете. Сметам дека ќе поминеме и од тоа треба да бидеме задоволни. Инаку, очекувам реален извештај, да ни се каже каде сме добри, а каде треба да се подобриме и ние тоа да го направиме, рече вицепремиерката за евроинтеграции.
Во врска со спорот со Грција, Арифи вели дека добрата волја и подготвеноста за решавање на ова прашање треба да продолжи да се покажува и оти таа волја треба да биде покажана и од другата страна.
- Волјата и подготвеноста, како позитивна сум ја гледала секогаш и мислам дека таа добра волја била и треба да продожи да се покажува, како што сметам дека таква волја треба да биде покажана и од другата страна. Но сум рекла повеќе пати и повторно ќе споменам дека за нас можеби ова прашање е поургентно и позначајно отколку за другата страна, затоа што ние сме надвор од клубот, а тие се внатре и можат вака да не блокираат и да не кочат. А не е во наш интерес да останеме надвор од процесот затоа што е значаен тој евроатлантски процес. Сметам дека треба да дадеме поттик, да покажеме добра волја, да вложиме енергија за да излеземе од блокадата, затоа што на крајот на краиштата тоа е во наш интерес, нагласи вицепремиерката Арифи во интервју за Радио Слободна Европа.