Македонско претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ)

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, на 14. јуни 2012 год. во Белград, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). На последниот министерски состанок одржан во рамките на Српското претседателство со ПСЈИЕ, беа разгледани активностите на планот на регионалната соработка во изминатата година и можностите за нејзино интензивирање во наредниот период, вклучително и преку дефинирање на идните правци на дејствување.

Од утре, Република Македонија го превзема едногодишното претседавање со Процесот, а во тој контекст, министерот Попоски ги презентираше приоритетите на претседателството. Нагласи дека Република Македонија, како претседавач, ќе настојува да ги афирмира и посветено да работи на принципите на добрососедство, како предуслов за успех на регионалната соработка. Се заложи за функционално интегрирање во сферите и проектите то се од поширок регионален интерес, особено во трговијата, енергијата и транспортот. Најави дека Република Македонија во претстојниот период ќе промовира поинтензивни контакти меѓу бизнис заедниците во Регионот со цел согледување, промовирање и искористување на економските потенцијали и привлекување странски инвестиции.

Преку конкретните проекти и зајакнатата и динамизирана соработка во рамките на оваа автохтона иницијатива, според министерот Попоски, Регионот ќе го подобри својот имиџ, но и ќе биде повидлив на европска и на меѓународна сцена, во согласност со Солунската агенда – за целосна интеграција на земјите од Регионот во Европската унија.