Македонија полноправна членка на европските комитети за стандардизација

Македонскиот институт за стандардизација доби право при изработката на македонски или европски стандарди да дава насоки и подобрување за нив, а не само да ги усвојува. Тоа е придобивка од полноправното членство со кое се стекна оваа установа во Европскиот комитет за стандардизација и во Европскиот комитет за електротехничка стандардизација на последните заседанија на генералните собранија на овие тела, информираа денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на Македонскиот институт за стандардизација Љупчо Давчев.

Институтот за стандардизација, кој ќе има најважна улога за унапредување на македонските производи со меѓународниот знак за квалитет „Македонско сонценце“, во европските комитети е примен како полноправен член под уставното име.

Според директорот на Институтот за стандардизација, за да го добие статусот полноправен член оваа установа усвоила 97 проценти од европските стандарди и 98 проценти од европските стандарди од новиот приод, односно хармонизираните стандарди кои бараат посебна „С“ ознака.

- Придобивката за индустријата е тоа што Институтот ќе има полноправен глас со оглед дека досега можевме само да ги усвојуваме стандардите. При изработка на стандарди без оглед дали се македонски или европски нашата индустрија ќе има право да дава одредени насоки и подобрување на тој стандард, истакна Давчев.

Плановите на Институтот за стандардизација се во иднина да го зголеми присуството на стандардите и јавната свест за придобивките од нив. Освен со стандардизација, Институтот ќе се занимава и со издавање сертификати каде логото ќе биде „Македонско сонце“.

Стандардите, посочи Давчев, имаат важна улога на европскиот пазар. Со нив се зголемува квалитетот, сигурноста и здравјето на граѓаните, се избегнуваат пречките во трговијата и се стимулира иновативноста. Во Германија три проценти од БДП се добива со употреба на стандарди.

Вицепремиерот Пешевски истакна дека Владата во рамки на своите надлежности има целосно разбирање за потребите и јакнењето на Институтот за стандардизација и дава целосна поддршка за развојот на ова тело единствено во државата каде се подготвуваат и усвојуваат македонските национални стандарди.

- Еден од проектите што е во насока на унапредување на квалитетот на македонските производи е „Македонско сонценце“ што ќе биде меѓународен знак за квалитет на производи кои доаѓаат од Република Македонија, рече Пешевски.

Тој појасни дека станува збор за малку посеопфатен проект во кој важна улога ќе има Институтот за стандардизација. Целта е, укажа, за неколку години да добиеме знак за квалитет сличен како што имаат некои поразвиени држави, којшто ќе сведочи за квалитетот за сите производи што доаѓаат од Македонија, едноставно бренд кој ќе ја зголеми конкуренцијата и ќе биде нешто со што би се гордееле.