Николовски: Северна Македонија сигурно чекори по својот европски пат, добрата регионална соработка е важна за интеграција на земјите од регионот во Европската Унија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска учествуваше на 17-тиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, кој оваа година се одржува во Јахорина, Босна и Херцеговина.

Регионалната соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа е важна и клучен фактор во политичката стабилност и безбедност, економска соработка и економски развој на земјите од Југоисточна Европа. Успешната регионална соработка е едно од главните барања во договорите за стабилизација и асоцијација, како и дел од рамката на европската политика за идна интеграција во Европската Унија.

Северна Македонија сигурно чекори по својот европски пат, со поставена јасна цел за членство во Унијата до 2030 година. Преговорите со Европската Унија се веќе започнати, а билатералната средба за поглавјата од кластерот 5 е закажана во текот на овој месец.

„Како држава пред нас си имаме поставено амбициозни рамки, кои го поддржуваат усогласувањето на земјата со правото на Европската Унија. Во последните години Северна Македонија постигна голем напредок и во голема мера го усогласи своето национално законодавство со европското законодавство. Активно се работи во моментов на повеќе законски и подзаконски акти од областа на земјоделството со цел нивно усогласување со најновиот развој на европската регулатива. Тоа се законските решенија во делот на директни плаќања во земјоделството и руралниот развој. Потоа регулација на заедничкиот пазар, органско производство, земјоделското осигурување, рибарство и аквакултура, а подготвен е нов закон за вино целосно усогласен со регулативите на Европската Унија“, истакна во своето обраќање министерот Николовски.

Министерот Николовски на 17 работен состанок на министрите за земјоделство ги презентираше резултатите на Северна Македонија во реализацијата на ИПАРД 2 програмата и успешниот старт на новата ИПАРД 3 програма.

„Земја лидер сме во искористувањето на средствата од ИПАРД 2 програмата и тоа по неколку основи, имаме најголема 100% реализација на програмата, со нула евра поврат на средства и први во регионот ја започнавме реализацијата на новата ИПАРД 3 програма. Нашиот успех со ИПАРД го потврди и Европската Унија зголемувајќи ги за 62% средствата на Европската Унија, со што од 60 за новата ИПАРД 3 програма на располагање имаме 97 милиони евра европски средства“, истакна министерот Николовски.

Како држава сме горди што ИПАРД е наша успешна приказна, нагалси во своето обраќање министерот Љупчо Николовски, презентирајќи ги пред колегите министри новостите кои се предвидени во ИПАРД 3 програмата. Една од новите можности која се предвидува со ИПАРД 3 програмата е авансната исплата до 50% од висината на финансиската поддршка веднаш по потпишување на договорот. Реализацијата на новата ИПАРД 3 програма стартуваше на 1 септември преку распишување на првиот јавен повик за мерките 1 и 7, каде на располагање беа ставени и првите 30 милиони евра.

Министерот Николовски во своето обраќање се осврна и на зелената агенда како важен приоритет во работата на министерството, нагласувајќи дека токму зелената агенда за Западен Балкан 2021-2030 претставува патоказ за одржливо земјоделство, а токму секторот земјоделство, но и руралниот развој имаат важна улога во економскиот развој на државите.

Добрата регионална соработка меѓу државите од Југоисточна Европа, отворените граници и слободното движење на стоки и луѓе треба да бидат главните сили преку кои заеднички државите од Југоисточна Европа би ги надминале сите предизвици. Министерот Николовски како добар пример за успешна регионална соработка ја истакна Иницијативата Отворен Балкан.

„Нашето поврзување беше за развој на нашите економии, за заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, кој носи подобар живот за сите наши граѓани. И еве ги гледаме веќе резултатите. Трговската размена помеѓу земјите членки на Отворен Балкан достигна 1,1 милијарда евра, што е резултат токму на оваа иницијатива“, истакна министерот Николовски.

Интеграцијата наместо дезинтеграција на регионот, слободен и отворен пазар, наместо усложнети процедури, треба да бидат заедничката цел на државите од регионот.